Пролет ги освои бодовите во дербито од 5.коло во машката ракометна Супер лига и и стави крај на победничката серија на Еурофарм Работник. Досега непоразениот тим во суперлигашкото првенство, го положи оружјето на гостувањето во Скопје (26-24).
Избраниците на тренерт Илија Темелковсмки беа подобриот противник во овој дуел и го заслужија триумфот. Домаќините беа поуспешни на стартот и водеа со 8-5, но Еурофарм Работник успеа да ја анулира негативата и следуваше период во кој се играше гол за гол. Пролет замина на одмор со еден гол предност (14-13).
Почетокот на вториот дел донесе ново изедначување. Пролет трпеливо ја градеше играта и се одржуваше во водство, а решавачката предност ја направи во последната четвртина кога поведе со 21-18.
Повремениот репрезентативец, Ласко Андоновски беше прв стрелец во домашниот тим со девет гола. Кај гостите од Битола, нападот го предводеше Гоце Ојлески со 12 погодоци, но ефикасната серија на репрезентативното крило сепак не беше доволна да го спаси Еурофарм Работник од пораз.
Резултати 5.коло:Пролет – Еурофарм Работник 26-24
Прилеп – Пелистер 23-26
Борец – Вардар јуниор 37-33
Охрид – Радовиш 31-27 (одиграно порано поради настапот на Охрид во ЕХФ Купот)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА