Пролет супериорен на стартот на сезоната

Ракометарите на Пролет лесно и убедливо славеа над Вардар Неготино со резултат 35-21, за успешно отворање на новата суперлигашка сезона. Скопскиот клуб се покажа во одлично светло, не дозволувајќи им на гостите во ниту еден момент да се надеваат на изненадување, како јасен доказ за амбициите за нов пласман во плејофот од ракометниот шампионат на Македонија.

Александар Василевски го постигна првиот гол за Пролет во новата сезона, стрелајќи прецизно во првиот напад за почетно водство од 1-0. Домашниот состав знаеше како да го наметне сопственото темпо, па по само седум минути игра резултатот гласеше 6-2, резултат при кој гостинскиот тренер побара тајмаут. Избраниците на Лембанов рутински ја одржуваа удобната предност, поведувајќи со 9-4, а потоа и со 10-5 на половина од првото полувреме. Тренерот на Тинекс Пролет го изротира тимот во вториот дел од полувремето, па со головите на Николовски и на Димковски домашниот состав поведе со 13-7. Михаљевиќ при овој резултат одбрани и пенал, раззликата се движеше меѓу пет и шест гола, за Доне Мајнов пред самиот крај на полувремето да стрела прецизно и на одмор да се замине со 16-9 за Пролет.

Добрата одбрана на домашниот тим не дозволи гостите од Неготино да дадат гол по првите три минути игра од вториот дел, па тренерот на Вардар побара нов тајмаут при резултат 17-9. Тоа не само што не вроди со плод, туку по две грешки на гостинските ракометари Пролет набрзина дојде и до првото двоцифрено водство на мечот (19-9). Гостите инсистираа на „седум на шест“ во нападот, но не само што одбраната на Пролет одговори на предизвикот, туку и со лесни голови во празната мрежа на спротивната страна водството скокна на 24-11.

Удобната предност му овозможи на тренерот на Тинекс Пролет да им даде заслужен одмор на поискусните, шанса да добијат помладите ракометари во финишот, но тоа воопшто не влијаеше над конечниот исход, Пролет убедливо го доби овој натпревар со конечни „плус четиринаесет“.

Давор Палевски беше најефикасен во тимот на Пролет со шест гола (пет во првото полувреме), а по четири погодоци постигнаа капитенот Андоновски и младите Тотиќ, Димковски и Додевски.

Се вчитува...