Скопскиот суперлигаш Пролет денеска означи подготовки за вториот дел од сезоната, во кој оваа екипа ќе биде значително засилена по ангажманот на долгогодишниот македонски репрезентативец Петар Ангелов. Искусниот чувар на мрежата беше присутен на денешната прозивка, а се очекува значително засилување да биде и повратникот Александар Василевски, кој се рехабилитираше од тешката повреда на коленото заработена во текот на минатата сезона.
Матлиески и челниците на клубот изразија оптимизам дека ќе се продолжи со добрите игри и во преостанатите натпревари од Супер-лигата, а потоа дополнително ќе се крене формата за дуелите од плејофот, во кој Тинекс Пролет повторно ќе има можност да ги одмери силите со најдобрите екипи од македонската ракометна сцена. Според планот на стручниот штаб, во првата фаза од подготовките ќе се тренира двапати дневно до крајот на јануари. Потоа ќе следат и низа на пријателски натпревари на кои ќе се темпира формата за стартот од вториот дел од сезоната, закажан за крајот на месец февруари.
Пролет моментно се наоѓа на четвртото место во Супер-лигата, кое значи и пласман во плејофот, каде на најдобрите четири тима ќе им се приклучат СЕХА-лигашите Вардар и Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА