Пролет триумфално во Битола против Е. Пелистер 2 на стартот од плеј-аутот

Ракометарите на Пролет со победа го стартуваа натпреварувањето во плејаутот во Суперлигата на Македонија, откако денеска како гости го совладаа Е. Пелистер 2 со 21-23.

Избраниците на Доне Мајнов одиграа одличен меч, пред се благодарение на цврстата одбрана успевајќи да го земат скалпот на битолчани, ривалот од кого имаа два порази во првиот дел од сезоната.

Пролет имаше далеку поквалитетен прв дел кој го доби со 11-14.

Вториот дел мина во израмнета борба, „пелистерци“ дадоа се од себе да се вратат, во неколку наврати дојдоа до еден гол негатива, но гостите во клучните моменти покажа и квалитет и карактер. При 20-21 на шест минути до крајот следеа два гола во низа на скопскиот суперлигаш преку Давитковски и Стоилевски, одбраната на чело со одличниот голман Трајков го заврши клучниот дел од работата и ја осигура победата.

Трајков беше најзаслужен за триумфот на Пролет со дури 17 успешни интервенции, во нападот прв стрелец беше Стоилевски со осум погодоци, пред Стојановски со седум и Палевски со четири гола.

Се вчитува...