Пролет во драматичен финиш до бод во Бутел

Скопската пресметка меѓу Бутел и Пролет заврши без победник, 22-22, откако гостите со фуриозен финиш се вратија од „минус два“ во последната минута и со погодокот на Андреј Стојановски стигнаа до реми. Ова беше прв бод за Пролет на гостински терен сезонава, со што тимот на Матлиески воедно ја прекина и серијата од четири победи на Бутел во Супер-лигата.

Бутел фуриозно го отвори мечот поведувајќи со 3-0 во почетните пет минути, потоа и промашувајќи зицер за „плус четири“. Пролет се разбуди, првиот гол за гостите го постигна Мишевски, по што оваа екипа играше се подобро од минута во минута. Гостинскиот состав првото водство го имаше кога Палевски погоди како втор пивот со 8-9, а Пролет пропушти голема шанса да се одлепи кога имаше 9-10 и играч повеќе. Тогаш наместо голови гостите имаа две загубени топки за триесетина секунди, што Бутел успеа да го искористи и да замине на одмор со минимални 12-11.

Вториот дел мина во израмнета битка во која ниту еден од тимовите не се одлепи на повеќе од еден гол разлика се до 52. минута кога Бутел поведе со 18-16, но Пролет експресно возврати и две минути подоцна израмни преку Доне Мајнов на 18-18. Домаќините сепак беа поумешни во завршницата, поведоа со 21-19, но и тоа не беше крај на возбудувањата, иако Бутел имаше 22-20 во последната минута, Пролет со головите на Палевски и на Стојановски стигна до значаен бод.

Николов со седум гола беше прв стрелец на Бутел, Трајкоски имаше десет одбрани на голот на домашниот тим, додека најефикасни кај Пролет беа Стојановски со пет и Палевски со четири погодоци, додека голманот Солев бранеше одлично и имаше 16 успешни интервенции.

Се вчитува...