Пролетната фудбалска сезона не ја дочекаа 16 тренери во Втората лига

Пред извесно време напишавме дека тренерската професија во Првата и Втората фудбалска лига на Македонија не е сигурна. Секој неуспех, секој пораз клубските моќници не го простуваат, следи отказ за тренерот, или како што популарно се соопштува:раскин на договорот со обострана спогодба на двете страни. И со онаа веќе излитена фраза: клубот му посакува успех во понатамошна работа. Познато е дека девет од 12 клуба во Првата лига есенва ги сменија тренерите.Ништо подобро,можеби е и полошо  со тренерите во единствената Втора лига на Македонија. Дури 16 тренери, наречени шефови на стручниот штаб, не ја дочекаа пролетната сезона. Овој податок најдобро говори дека Тренерската организација во Македонија нема сили, ниту пак е добро организирана да го сопре ова клубско самоволие бидејќи не помагаат ниту потпишаните договори.

Во Втората лига има клубови на чија клупа есенва седеа дури по тројца тренери. Да почнеме со Беласица. Стартуваше со Благој Гуцов, потоа на неговото место дојде Васе Беќаров, во финишот шанса доби Александар Стојановски. Истото може да се напише и за Вардар од  Неготино. Иако во  баражот Љупчо Димитковски го внесе клубот во Втората лига, брзо си замина, го замени Миланчо Мојсовски, но и тој доби замена во Горан Тодорчев. Што да се каже за Тетекс кој веќе и не знае колку тренери  се сменети во последниве 18 месеци. Есенската сезона ја почна со  Даниел Радевски, потоа го водеше Филип Деспотовски, па одново Радевски, сега за на пролет на клупата е Стојан Тодоровски.

Во оваа група клубови со повеќе тренери есенва се Караорман и прилепска Победа. Драган  Блажевски не остана долго во Струга, му го препушти местото на Скендер Таири, од пред неколку дена нов тренер на стружани е Илче Перески. Победа започна со Благојче  Дамевски, кога почнаа неуспесите, беше заменет со Филип  Мирчески, сега на кормилото да го спасува клубот од испаѓање е познатиот репрезентативен голман на Македонија Јане Николоски.

Не останаа имуни и уште неколку клуба, но само со по еден сменет тренер. Башкими се раздели со Флорим Имери, го ангажираше Баже  Јанакиевски, кој на почетокот  на есента ја водеше Саса, на неговото место во Македонска Каменица е Горан Гоцевски. Смени имаше во Охрид и Осогово. Во Кочани Добринчо Илиевски го замени Ефтим Аксентиев, а во Охрид Пепи Џигеровски му го отстапи местото  на Александар Толевски. Бобан Бабунски не се прослави во Пелистер, не  му беше продолжен договорот,  наместо него  Влатко Костов има задача да ги врати битолчаните во Првата лига. Дарко Крстески треба да му осигура опстанок на Новаци во Втората лига наместо Горан  Ставревски кој го внесе во второлигашкото друштво.

На крајот да напишеме дека есенва од резулатите на своите тренери беа задоволни Беса, Арсими, Детонит, Скопје и Кожув, од 16 клуба во единствената Втора лига. Дали до крајот на пролетната сезона или порано.

   М.Мицковиќ

Се вчитува...