Душко Николиќ е новиот помошник на селекторот Никола Матијашевиќ во одбојкарската репрезентацијата на Македонија. Ратко Павличевиќ поради клупски обврски го напушта националниот тим в понеделник, а неговото место ќе го заземе сонародникот Николиќ.
45-годишниот српски стратег е освојувач на бронзен медал од последното Европско првенство во Полска пред две години, тогаш во улога на прв помошник на Никола Грбиќ во машката селекција на Србија.
Николиќ ќе има задача да ја открива играта на противниците и да му помогне на Матијашевиќ во подготовката на македонскиот национален тим за настапот на континенталниот самит во Љубљана во септември.
Базичните подготовки на одбојкарите во Маврово ќе траат уште една недела, по што националниот состав ќе оди во Крајова на пријателски двомеч со Романија, па ќе се врати во Скопје каде што најпрво ќе ја пречека Шведска, а потоа и Белгија, Бугарија и Украина на турнирот „Чајка“.
Пред премиерата на Европското првенство со Финска на 12-ти септември, црвено-жолтите ќе и гостуваат на Австрија за глазура на формата. Осминафиналето станува проектирана цел, а за да стиге до него, македонската репрезентација треба да биде меѓу првопласираните четири селекции во групата Ц.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА