Променето важно правило поради „случајот Алварез“

Светската асоцијација на фудбалски сојузи (ИФАБ) која е задолжена за промена на фудбалските правила донесе значајна одлука, од која најразочарани ќе бидат навивачите на Атлетико Мадрид.

Имено, промената во правилата се однесува на изведувањето на пенали, конкретно на случајот кога фудбалерот ненамерно при ударот ја допира топката со двете нозе (шутира со едната, топката ја закачува другата нога и оди накај голот). Досегашното правило гласеше дека во ваков случај пеналот се поништува и играта продолжува без гол, но со промената – ударот од 11 метри ќе биде повторно изведен ако станува збор за ненамерна двојна игра.

Ова е последица на контроверзниот дуел во Лигата на Шампионите меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, во кој „кралевите“ славеа во пенал-рулет откако контроверзно беше поништен голот на Хулијан Алварез иако не постоеше стопроцентен доказ за двојна игра при пеналот на аргентинскиот голгетер.

Следеа бурни реакции, дури и најави за тужби, но Реал отиде во следната фаза, Атлетико прерано го заврши настапот во ЛШ… за сега правилото да биде променето неколку месеци по оваа контроверзна ситуација.

Се вчитува...