Кошаркарската Федерација на Македонија денеска објави дека доаѓа до сериозни промени во раководните структури на „куќата на кошарката“, откако Тодор Гечевски се повлекува од функцијата спортски директор. На негово место претседателот Перо Антиќ го именува поранешниот селектор на репрезентацијата, Марјан Србиновски.
Поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје и Работнички важеше за „десна рака“ на претседателот Антиќ од самото седнување на фотелјата во федерацијата, причините според информациите од КФСМ се приватни, а самиот Гечевски истакнува дека ќе остане дел од „куќата на кошарката“, но со намалено присуство.
„Во овој период кој е пред нас, морам да решавам некои ситуации кои се од приватни причини, и кои од мене бараат и определно отсуство од одговорната функција која ја имам во федерацијата. Но останувам тука, навистина со намалено присуство во работата која ја презема Марјан Србиноски. Човек со кој отсекогаш сум имал одлична соработка, и за кој сметам дека ќе одговори на барањата кои со себе ги носи функцијата на спортски директор на федерацијата. Ќе бидеме во постојана комуникација, му стојам на располагање за се што ќе му биде потребно во работата“– го потврдува оправданото отсуство во наредниот период, Тодор Гечевски.
Марјан Србиноски е големо име во македонската кошарка. Освен што беше активен играч од 1993 до 2007 година, пола деценија работеше како асистент во репрезентацијата, а потоа ја водеше „А“ селекцијата на Европското првенство во 2015 година.
Меѓу другото, беше дел од стручниот штаб при остварувањето на најголемиот успех во македонскиот репрезентативец спорт – четвртото место на Евробаскетот во Литванија.
Ова ќе биде негов прв ангажман во раководството на федерацијата, а последен пат работеше како тренер на Гостивар, од каде замина во април 2021 година.
Пред Србиноски е исклучително важен период и големи обврски околу македонските национални селекции. Сениорскиот тим го очекува финишот од квалификациите за Светскиот Куп во 2023 година, а потоа во јули и август повеќе младински селекции учествуваат на Европски првенства во „А“ и „Б“ дивизијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА