Промовиран документарецот за Дарко Панчев: „Создадовме дело кое засекогаш ќе сведочи за една фудбалска големина!“ (ВИДЕО)

Творците на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја Дарко Панчев денеска во Универзитет Скопје одржаа прес-конференција на која го претставија документарецот кој официјална промоција ќе има во понеделник, 24. април, кога и ќе ја доживее светската премиера.

Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција. На прес-конференцијата, присуствуваше секако ѕвездата на филмот, Дарко Панчев, како и проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје (УТМС).

„Создадовме еден филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој се на патот до успехот, и не само според неговите сеќавања туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото опкружување. Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на се од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме се на едно место, и во секој случај да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“ – истакнаа од Спорт клуб, творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.

„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.

„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе и биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе и се допадне на целокупната македонска и балканска јавност. Искрено, може да направите се што сакате, но документарец се прави само ако имате што да прикажете и кажете во него. Овој документарец секако дека е круна на се што се случи во мојата кариера. Исто така се работи и на моја автобиографска книга. Драго ми е што луѓето се сетија да ја искористат целата моја богата кариера и да направат еден интересен филм“ – истакна Панчев на прес-конференцијата.

Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон.

Се вчитува...