Промовирана книгата „Штипски адреналински спортски настани”

Во присуство на поголем број на љубителите на спортот, меѓу кои беа и олимпискиот шампион Шабан Трстена, потоа основоположникот на борењето во Македонија и тренер на најпознатите наши борачи Ристо Таков, професорот д-р. Ванчо Чивлиганец, голем љубител на борењето и најголем спонзор на овој спорт, во библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип, беше промовирана книгата „Штипски адреналински спортски настани”, чиј автор е познатиот штипски новинар и публицист Кирил Манев .

Тој е сигурно најплодниот спортски новинар, бидејќи досега има издадено 22 книги, посветени на спортот во Штип, една богата спортска енциклопедија на градот, се со цел да не се заборават големите успеси на домашна и меѓународната сцена на најдобрите спортисти и клубови во градот. Во оваа енциклопедиска книга Киро Манев ги има одбележано најзначајните адреналински спортски настани на штипските спортисти во неговата богата професионална кариера како новинар.

Тие настани со многу емоции, воздишки кои му останале во сеќавањето и кои со еден прекрасен стил ги пренесува во оваа негова книга, која сигурно ќе привлече големо внимание не само кај штипските туку и кај многуте спортисти во Македонија. Промотор и рецензент на книгата беше доајенот на спортското новинарство Миодраг Мицковиќ.

Се вчитува...