Во присуство на поголем број на спортисти и гости, меѓу кои беше и олимпискиот победник од Лос Анџелес Шабан Трстена, во „Меморијалниот музеј на Киро Глигоров“ во Штип, беше промовирана монографијата „Штипски олимпијци“, чиј автор е најпознатиот новинар од Штип Киро Манев. Да потсетиме, во богатата публицистичка дејност за историјата на спортот во градот, ова е 24 монографија ,што ја има подготвено Киро Манев. Монографијата е посветена на спортистите од Штип кои досега учествувале на Олимписките летни игри, како потсетување на претстојните игри што за неколку дена почнуваат во Париз. Рецензент на монографијата е доајенот на спортското новинарство Миодраг Мицковиќ.
Во богатата историја на спортот во Штип досега од овој град на Олимписките игри учествувале четворица спортисти и двајца тренери. Првиот штипјанец кој бил учесник на најголемата спортска приредба на светот беше борачот Симеон Шутев во далечната 1968 година во Мексико. Најмногу настапи на Олимпијади има сигурно еден од најдобрите борачи во Македонија, Зоран Шоров кој настапил на игрите во Лос Анџелес 1984, во Сеул 1988 како член на југословенската репрезентација и во Барселона 1992 година кога Македонија за првпат со своите спортисти настапи на Олимписките игри. Два настапи има и борачот Киро Ристов во Монтреал 1976 и во Москва 1980 година. И двајца селектори од Штип беа дел од најголемата спортска приредба на светот. Ристо Таков во Монтреал 1976 на борачите на Југославија и Трајче Димков во Пекинг 2008 година на Македонија. Интересно е да се напише дека и еден фудбалер, роден во Штип ,во кој и денес живеат неговите блиски роднини, настапил на Олиписките игри во Мелбурн 1956 година во дресот на репрезентацијата на Југославија, Драгослав Шекуларац.
Монографијата, освен за постигнатите резултати и освоени медали на разни натпревари на штипските олимпијци во светот, обилува со многу податоци за сите спортисти од Македонија кои настапиле на Олимписките игри, освоените златни, сребрени и бронзени медали, многу корисни податоци за секој љубител на спортот. Македонските спортисти досега на Олимпијадите имаат освоено 14 медали, две златни, седум сребрени и 5 бронзени.
На крајот на промоцијата, Здружението на борачи ветерани на Македонија, по повод 40 години од најголемиот успех на македонскиот спорт, освоен златен медал на Олимписките игри во Лос Анџелес 1984 година, на најтрофејниот македонски спортист Шабан Трстена му подарија спомен плакета, специјално изработена за него во знак на сеќавање на овој голем спортски подвиг.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА