Во присутво на голем број љубители на фудбалот, поранешни репрезентативци на Македонија од струшкиот крај, спортски работници, во хотелот „Дрим“ во Струга беше промовирана монографијата „Струшка фудбалска историја“ чиј автор е поранешниот фудбалски судија од Струга и истакнат спортски работник Љупчо Мојсоски.
Моногрфијата е издадена по повод 53 години од формирањето на Општинскиот фудбалски сојуз на Струга, еден од најдобрите и најорганизирани сојузи во Македонија, во кој едно време членуваа и клубови од Охрид, Ресен и Дебар.
Благодарејќи на една долгогодишна макотрпна работа, Љупчо Мојсоски подготви навистина прекрасна монографија во која на 300 страници се објавени повеќе од илјада фотографии на сите клубови кои во изминатите 53 години биле дел од овој општински сојуз, на фудбалери кои играле за репрезентацијата на Македонија во сите селекции, судии, членови на работните тела во Фудбалска федерација на Македонија кои потекнуваат од струшкото поднебје.
Раритет во монографијата се сигурно конечните табели на сите досегашни првенства на Општинската лига на Струга, со мноштво други податоци кои ќе го привлечат вниманието. Со еден збор, монографијата „Струшка фудбалска историја“ е сигурно една од најубавите и најрепрезентативните изданија за фудбалот во Македонија, за што авторот Љупчо Мојсоски заслужува големо признание.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА