Пауло Дибала летово и дефинитивно ќе го напушти Јувентус како слободен играч, откако денеска пропаднал и последниот обид да се најде заеднички јазик за продолжување на соработката меѓу аргентинскиот генијалец и „старата дама“.
Денешниот состанок меѓу агентот на Аргентинецот и управата на Јуве траеше нецели два часа, но не само што не беше постигнат договор, туку било утврдено дека двете страни се премногу далеку од изнаоѓање на компромис, така што целосно се прекинати преговорите. Италијанските медиуми информираат дека челниците на Јуве одбиле да го направат Аргентинецот најплатен играч во тимот, Дибала барал девет милиони евра годишно, сума што за „црно-белите“ била превисока со оглед на честите проблеми со повредите што овој офанзивец ги има во последните месеци.
Дибала како слободен играч ќе го привлече вниманието на бројни врвни клубови ширум Европа и дефинитивно без проблем ќе најде нов ангажман. Интер покажа интерес, но останува да се види дали Аргентинецот ќе остане лојален на Јуве и својот следен трансфер ќе го направи надвор од Италија. Таму најзагреани за неговите услуги се челниците на шпанскиот првак Атлетико Мадрид, како и премиерлигашите Челси и Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА