Понудата од Саудиската професионална лига од една милијарда евра за Винисиус Џуниор е отфрлена, бидејќи Реал Мадрид планира нов договор за бразилската ѕвезда, пренесуваат шпанските медиуми. Винисиус е една од главните трансфер цели на Саудиската професионална лига, која сака да привлече уште повеќе светски познати играчи на Блискиот Исток.
Бразилецот е под договор со Реал Мадрид до 2027 година, но разговорите за продолжување наводно од неодамна беа заглавени, бидејќи 25-годишникот посакуваше да стане најплатениот играч на клубот. Според неколку извори, Саудијците биле подготвени да му платат на Реал 350 милиони евра, а на Винисиус договор од 1 милијарда евра, што би бил убедливо најголемиот трансфер во историјата.
Сепак, според АС, петгодишниот договор вреден една милијарда евра засега е повлечен, иако интересот на Саудијците би можел да оживее во иднина. Се верува дека разговорите меѓу Винисиус и Реал ќе продолжат во 2026 година, а Бразилецот претходно изјави дека неговата цел е да остане во клубот и дополнително да го зацврсти својот статус како легенда на Бернабеу.
Реал му ја додели на Винисиус улогата на капитен
Реал Мадрид ја препозна важноста што Винисиус ја има во тимот со тоа што го додаде во капитенската група. Дани Карвахал ќе ја преземе капитенската лента по заминувањето на Лука Модриќ, додека негов заменик ќе биде Федерико Валверде. Трет во редоследот е голманот Тибо Куртоа, а Винисиус е четврти.
Реал сака што поскоро да се договори за нов договор со Винисиус за да избегне понатамошни шпекулации за неговата иднина. Клубот нема да игра подготвителни натпревари по настапот на Светското клупско првенство, а првиот натпревар од новата сезона во Ла Лига ќе го игра дома против Осасуна за нешто помалку од еден месец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

