Јирген Клоп нема да биде нов тренер на Баерн Минхен почнувајќи од наредната сезона, уривајќи ги надежите на управата на баварскиот гигант дека ќе го убеди стратегот на Ливерпул за нов ангажман веднаш по заминувањето од „Енфилд“.
Клоп веќе најави дека летово ќе го напушти Ливерпул и ќе земе една година одмор од фудбалот, но раководството на Баерн веруваше дека ќе го убеди за нов предизвик со преселба на „Алијанц Арена“. Според германските медиуми, трофејниот стратег добил „бланко чек“ од баварскиот гигант, но воопшто одбил да преговара.
„Ставот на Клоп е добро познат и тој не е променет. Јирген нема да работи ништо најмалку една година по заминувањето од Ливерпул, значи дека Баерн воопшто не е опција за него“, изјави неговиот агент за „Скај Спортс“.
Баварците сега ќе се свртат кон останатите опции на пазарот, а високо на листата со желби се Зинедин Зидан, Чаби Алонсо и Ханси Флик. Ако ниту еден од овие тројца стратези не постигне договор, тогаш вниманието ќе се насочи кон Себастијан Хенес, младиот стратег кој бележи одлични резултати со Штутгарт, а воедно е и внук на Ули Хенес, кој повторно е „алфа и омега“ во Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА