Евертон веќе е казнет со одземање на десет бода поради лошо финансиско работење, но и покрај оваа санкција „карамелите“ предводени од Шон Дајш стигнаа до доволен број на бодови за да се искачат над опасната зона. Сепак, премиерлигашот од Ливерпул сега се соочува со нов огромен проблем откако Премиер-лигата им најавила на челниците на Евертон дека нема да даде зелено светло за купопродажба на клубот и премин на контролниот пакет на акции во американскиот конзорциум „777 Партнерс“.
Евертон се наоѓа во тешка криза и во последните неколку месеци функционира исклучува благодарение на парите што „777 Партнерс“ ги дадоа на актуелното раководство во вид на заем, за покривање на трошоците додека не биде комплетиран процесот на купопродажба. Притоа, како краен рок за комплетирање на купопродажбата бил наведен крајот на 2023 година, за што биле дадени и своевидни гаранции од актуелното раководство.
Сепак, челниците на Премиер-лигата немаат намера да дадат зелено свело за „777 Партнерс“ да почне да раководи со клубот од „Гудисон Парк“. Фактот дека во овој конзорциум членуваат бројни компании од најразлични дејности (спорт, осигурување, авијација, банкарство), но и дека против дел од нив се водат судски спорови во САД, ги прави водечките луѓе на Премиер-лигата сомничави во целиот процес, па веќе е најавено дека купопродажбата дефинитивно нема да биде финиширана годинава, а останува сомнежот дали воопшто би се добило зелено светло на почетокот од 2024 година.
Извори блиски до американскиот конзорциум тврдат дека тие немаат намера да продолжат со позајмување пари и покривање на дупките во актуелниот буџет на клубот, што претставува нов проблем. Актуелните газди во исчекување на зелено светло за купопродажба нема да можат да ги покријат финансиските побарувања, што ќе значи и кршење на строгите правила на Премиер-лигата и заминување на клубот под стечај. Тоа само по себе ќе значи и одземање на нови бодови, но и сомнеж дали Евертон ќе може да ја доигра сезоната со зголемени долгови и дополнителни санкции што би можеле да следат и во наредните месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА