Младинската женска ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во групата од квалификациите за СП што се игра на Исланд, откако „црвено-жолтите“ попладнево по голема битка загубија од Литванија со минимални 26-27. Ако за вчерашниот дуел со Исланд може да се каже дека поразот беше очекуван, тогаш денеска дефинитивно се очекуваше многу подобра игра и победа, но за жал тоа не се случи, пред се поради очајното второ полувреме што го одиграа нашите млади ракометарки.
Имено, првите 30 минути минаа во знакот на нашиот национален тим, кој целосно го контролираше резултатот. На одмор се замина со предност на Македонија од 14-10 и се очекуваше да се продолжи во ист ритам и во вториот дел, но Литванките заиграа далеку подобро во продолжението. Нашата одбрана не успеа да го задржи нивото, противничките набрзина се вратија, а потоа во егал-завршница се играше „гол за гол“. Нашите ракометарки не го издржаа притисокот, Литванија поведе со 26-27, македонските ракометарки имаа шанса да стигнат до реми, но не успеаја, па го претрпеа и вториот пораз во овие квалификации.
Во рамките од третото коло Македонија утре ќе се сретне со селекцијата на Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА