Лесно е сега да се говори со суперлативи за Аргентина откако „гаучосите“ се искачија на тронот на светскиот фудбал, тешкиот момент беше оној по поразот од Саудиска Арабија во првото коло, кога беше доведен во прашање и пласманот во нокаут фазата во Катар.
Токму Лео Меси беше тој што гласно говореше во тие тешки моменти, уверувајќи ги фановите дека без оглед на „киксот“ на стартот оваа селекција е подготвена за атак на светската круна.
„Знаевме дека Саудиска Арабија е квалитетна селекција што трча многу и знае како да ја движи топката. Оваа група е тешка, но ние не стравуваме. Долго време не сме се нашле во ваква ситуација, но веруваме во себе, ќе се сплотиме и ќе ја покажеме својата сила. Немаме изговори за она што се случи, но овој пораз ќе не обедини. Верувајте во нас, нема да ве разочараме“, порача Меси по кошмарното деби на СП во Катар.
Се останато е историја – токму Меси имаше гол и асистенција на наредниот меч со Мексико, а потоа продолжи со извонредни настапи до крајот на шампионатот, до остварување на големата цел – кревање на шампионскиот пехар. На огромна радост на сите оние кои веруваа во него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА