Македонската кошаркарска репрезентација го продолжува пеколното темпо на подготовки за претквалификациите за СП 2019. По двете победи над Португалија и Холандија, нашите кошаркари поладнево (18 часот) ги очекува дуелот со селекцијата на БиХ, меч кој ќе реши која од овие две репрезентации ќе го освои пехарот на „Трофеј Македонија“.
Босанците исто така во претходните две кола ги совладаа Холандија и Португалија, избраниците на Душко Вујошевиќ и без дел од главните играчи делуваат како сериозна репрезентација, а најголем проблем за Давитков претставува заморот што ги стигнува оние играчи врз кои паѓа најголем дел од товарот.
„Горд сум на начинот на кој го одигравме второто полувреме и успеавме да се вратиме против Холандија. Јасни се проблемите со кои се соочуваме поради краткиот ростер, но на секој меч се појавуваат играчи кои преземаат дел од товарот и тоа ме радува. Босанците се квалитетна репрезентација, јасно е дека нема да биде нималку лесно. Моите кошаркари се преморени, пред се оние кои имаа најголема минутажа на претходните две средби. Дефинитивно сакаме да победиме, но ќе видиме како ќе се одвива мечот, ако има можност ќе им дадам заслужен одмор на Војдан Стојановски и на Александар Костоски“ – изјави селекторот Јорданчо Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА