Златан Ибрахимовиќ долго преговараше со челниците на Милан за да ја преземе директорската улога во клубот, за која настојуваше да има сериозност со тоа што Швеѓанецот ќе има свој збор во најважните одлуки за функционирањето на тимот.
Јавна тајна е дека Ибрахимовиќ не е најзадоволен од работата на Стефано Пиоли и дека „росонерите“ летово ќе го сменат тренерот, но тоа ќе го донесе и првиот конфликт меѓу шведската фудбалска легенда и највисокото раководство на Милан. Имено, Златан инсистира на ангажман на Антонио Конте како тренерот што знае како се освојуваат трофеи, но челниците на „росонерите“ имаат поинакви планови.
Имено, тие сметаат дека ангажманот на Конте е преголем ризик бидејќи тоа е стручњак од највисока класа, кој истовремено важи и за доста проблематичен бидејќи знае да влезе во конфликти со управата ако не биде исполнета некоја негова желба на пазарот (тоа се случи и во Јувентус, Интер и во Челси). „Росонерите“ немаат преголема финансиска моќ и стравуваат дека на долг рок сигурно ќе дојде до проблем во односот со Конте, поради што би сакале летово да тргнат во поинаков правец.
Токму затоа, нивна желба е на „Сан Сиро“ да го доведат поранешниот фудбалер на Интер, Тијаго Мота. Аргентинецот бележи добри резултати со Болоња, создавајќи си имиџ на тренер што го вади најдоброто од фудбалерите, а тактички преферира офанзивен фудбал. Мота згора на тоа би барал и двојно помала плата од Конте, а би се задоволил и со поевтини засилувања за разлика од екс-тренерот на Јуве и Интер, што го прави идеален кандидат за највисокото раководство на Милан.
Останува да се види што на сето тоа ќе каже Златан Ибрахимовиќ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА