На 15. април во салата на ОУ „Круме Кепески“ во Скопје ќе се одржи Првиот меморијален турнир во чест на прославеното име на македонското карате Димче Кичевски. Организатор на меморијател е Карате клуб „Скопје“.
Димче Кичевски, носител на 6-ти дан, мајстор на карате спортот, беше основач и главен тренер на КК ВОДНО, Скопје. Селектор на сениорската карате репрезентација на Македонија за спортска борба, поранешен претседател на Македонската карате федерација, повеќекратен републички и југословенски шампион, Балкански шампион и носител на бронзен медал од Европско првенство како дел од репрезентацијата на поранешна СФРЈ.
Неговиот несмален ентузијазам и самопрегор беше предвесник на карате спортот во Македонија (Кичевски е еден од основачите). Цели 48 години (1967-2015) активно учествува во развојот, унапредувањето и афирмацијата на овој спорт во нашата држава и тоа како натпреварувач, тренер, селектор и спортски работник (претседател на Македонската Карате Федерација, делегат од Македонија во претседателството и Конференцијата на Карате Сојузот на Југославија (1971-1991), делегат од Македонија во Светската карате Федерација (1992 – 2000). Претседател на Градски Карате Сојуз). Од 1998 година активно бил вклучен и во активностите, развојот и успесите на кик бокс спортот во Македонија .
Кичевски е еден од основачите на синонимот за спорт во Р.Македонија, КК Вардар. Во 1973 год. на шестото Државно првенство, Кичевски стана првиот Македонец, шампион на Југославија во карате (полусредна категорија), со што придонесе за огромна афирмација на македонскиот карате спорт. Истиот успех го повтори во 1982 година.
Во 1980 година, како член на југословенската репрезентација, на Европското првенство во Брегенц, Австрија, освои бронзен медал во екипна конкуренција. Истата, 1980 година, на Првиот балкански карате шампионат, Кичевски го освои златниот медал во лесна категорија, со што стана првиот македонски каратист кој се здоби со титулата ШАМПИОН НА БАЛКАНОТ.
Натпреварите на Првиот меморијал во чест на Димче Кичевски ќе бидат во машка и во женска конкуренција, за кадети и за јуниори.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА