Кошаркарите на Пелистер го доживеаја првиот пораз сезонава во Првата македонска кошаркарска лига. На гостувањето во 4. коло „пелистерци“ загубија од Гостивар со 77-66 (23-20, 19-13, 19-15, 16-18).
Натпреварот почна максимално израмнето со почетна предност на гостите низ првите пет минути водени од Мишковиќ и Едвардс кои умешно реализираа на стартот. Во седмата минута беше 16-16, а потоа домашните успеаја да се одлепат на 21-16, за на крајот предност од 23-20 на Гостивар по првата четвртина.
Втората четвртина почна со серија брзи поени на гостиварци кои се одлепија на 28-20, за да потоа ја одржуваат таа предност и конечни 42-33 на полувремето. Сосема еднакво течеше и третиот период од играта. Гостивар најпрво дојде до предност и од 46-33, а потоа и до +20 поени (60-40) на две минути пред крајот на четвртината. Тоа конечно како да ги „отрезни“ избраниците на Александар Петровиќ, па со серија од 0-8, Пелистер дојде до 60-48. На крајот од третата четвртина, 61-48.
Во последната четвртина Пелистер почна максимално во обидот да се дојде до пресврт. Дојде повторно до едноцифрена негатива (61-52), но тоа беше се. Гостиварци не дозволија можност за пресврт, па до крајот рутински го одводоа натпреварот до финиш и победа од 77-66.
Кај Гостивар најефикасен беше Митевски со 21 поен и осум скока, а на Пелистер не му помогна ниту одличната партија на Мајк Едвардс кој мечот го заврши со „дабл-дабл“ од 26 поени и 13 скока, а Мишковиќ постигна 16 поени, дополнети и со 11 скока и две асистенции.
Сега Пелистер е израмнет на врвот од табелата со три победи и еден пораз, заедно со МЗТ Скопје Аеродром.
Шкупи ја запиша, пак, првата победа сезонава победувајќи убедливо против Вардар со 89-68. Вардар го забележа и четвртиот пораз.
Кожув го победи Тиквеш со 85-64, благодарение на одличните партии на Вилсон (24 поени и седум асистенции) и Хауард (13 поени и 16 скока). Стевановиќ заврши со 16 поени и 9 скока, а Пилепиќ со 13 поени и седум асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА