Џек Грилиш ќе биде првата англиска „ѕвезда“ што ќе направи мегатрансфер по завршувањето на настапот на ЕВРО 2020, откако Манчестер Сити влезе во завршна фаза од преговорите за „ѕвездата“ на Астон Вила.
Агентот на Грилиш утрово во изјава за „Дејли Мејл“ објави дека неговиот клиент добил ветување дека летово ќе му биде дозволено да си замине. Одличниот плејмејкер се наоѓаше на листата со желби на неколку англиски гиганти, но понудата на Сити е доминантна во однос на онаа на ривалите. Астон Вила би имала загарантирани 80 милиони фунти од овој трансфер, плус дополнителни 20 милиони фунти што Сити би ги исплатил доколку се активираат неколку клаузули.
Пеп Гвардиола планира мини-ремонт во играчкиот кадар, се очекува од Манчестер Сити да си замине Бернардо Силва, а доколку се добие интересна понуда клубот би можеле да го напуштат и Стерлинг и Марез. Покрај Грилиш, на врвот на листата со желби на Гвардиола се наоѓа и Хари Кејн, но Тотенхем ќе се обиде по секоја цена да го задржи својот капитен уште една година во клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА