Триесетина минути по хаотичниот крај на дуелот Реал Мадрид – Партизан и прекинот по масовната тепачка на теренот, стигна и првата дијагноза по повредата на Данте Егзум.
Австралиецот настрада по еден боречи зафат од Јабуселе, на раце на соиграчите беше изнесен од теренот, а според првичната дијагноза, станува збор за проблем со тетивата.
„Го прегледав Егзум, тој има пукната тетива на вториот прст на стапаолото. Тоа е тешка повреда, ќе мора на штаки до Белград, па таму ќе го снимиме и ќе видиме. Повредена му е и горната усна. Можеше да биде и полошо, да му ја повреди кичмата. Вакво нешто немам видено. Станува збор за тешка повреда“, изјави клупскиот доктор Јаковљевиќ.
Како што стојат работите, тешко е да се поверува дека одличниот плејмејкер ќе може да се рехабилитира навреме за да настапи до крајот на сезонава, во завршницата од Евролигата и на плејофот во АБА, што дефинитивно ќе биде голем удар за тренерот Обрадовиќ токму во клучниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА