ПРВА ЛИГА 11. КОЛО: Битка за врвот на Чаир – Шкупи се одвојува, или Ренова ќе биде нов лидер?

Врвот на табелата пред ова 11. коло е сино бел. Шкупи на чело, Ренова зад него два бода, а двата тима во меѓусебна пресметка денеска ќе имаат многу мотиви. Чаирчани со победа се одвојуваат сами на лидерската позиција, „гипсарите“, пак, за некои изненадувачки, за некои не, се борат за челната позиција, иако ланската сезона играа бараж за опстанок. Оваа сезона е нешто поинаква приказна.

Кој е во предност? Шкупи е во одлична форма. Тоа го покажа со последните натпревари. Ги доби тешките натпревари како Академија Пандев и Тиквеш. „Гипсарите“ пак беа одлични, се до оној Куп натпревар во средата кога неочекувано се поразени убедливо со 5-0 од градскиот ривал Шкендија.

Шкупи најавува атак на трите бода од овој меч. Сака тимот од Чаир оваа сезона титула, и засега добро му оди. Лидер е на табелата, игра добро, реконструкцијата на екипата која ја направи Седлоски летоска дава плод, и тоа резултира со врвот на табелата. Домашниот тим може денеска да се одвои и да направи одлична предност пред стартот на вториот круг од сезоната.

„Шкупи секогаш на секој натпревар оди на три бода. Амбициите на клубот се јасни, одиме чекор по чекор кон целта. Иако играме со вторпласираната Ренова, немаме некоја посебна подготовка. Се подготвуваме како и за секој натпревар“, вели Матеј Цветаноски во изјава за ЕКИПА.

Сепак, Шкупи со респект кон Ренова влегува денеска во пресметката.

„Ренова е тим кој сака да игра фудбал, игра офанзивно. Нема да ни биде лесно, но мислам дека во најголема мера ние ќе се прашуваме како ќе се одвива натпреварот. Селмани кај противничкиот тим е најопасниот фудбалер и мора на него да обратиме внимание. До сега покажа дека е најквалитетен фудбал, но реков дека многу работи ќе зависат од нас“, рече Цветаноски.

И Ренова влегува во добра серија во првенството во пресметката со Шкупи. „Гипсарите“ на последните шест првенствени натпревари не знаат за пораз, со скор од 4 победи и две ремија. Нивната добра форма беше прекината во саботата, но според фудбалерите, тоа било само еден лош ден за нив, и дека со Шкупи ќе го докажат тоа.

„Денеска играме дерби натпревар, играме против екипа која е прво место. Знаеме дека е тешко, но во првенството сме во добра серија. Верувам дека ако дадеме максимум ќе оствариме победа, и ќе се бориме за прво место“, ни изјави Ремзифаик Селмани, кој го коментираше поразот од Шкендија во Купот. Тоа беше само еден лош ден за сите нас. Треба да извлечеме поука од тој пораз, да не мотивира тој меч повеќе, да не ги повториме грешките и да одиграме најдобро што знаеме денеска“, вели Селмани.

И Ренова има респект за противникот…

„Дека Шкупи е квалитетен тим, тоа го покажува табелата. Се бори за прво место, и ние ќе треба да го дадеме својот максимум. Мислам дека сме мотивирани за такво нешто денеска и дека ќе успееме да дојдеме до добар резултат“, рече Селмани.

ДВОЈКИ ЗА 11. КОЛО ПМФЛ

Се вчитува...