Македонскиот клупски фудбал – ПОД ЛУПА 2021 година: „Ој Вардаре македонски“, „Путуј Европо“ и „кратовскиот ролеркостер“

Никола Станикевски

Иако 2021 година беше најуспешната во историјата на македонскиот фудбал со настапот на репрезентацијата на Европското првенство и пласманот во баражот за учество на Светското првенство следната година во Катар, клупскиот фудбал останува на дното на Европа. Гибралтар доживеа да има свој тим во европските натпреварувања, додека македонските претставници заедно одиграа дванаесет натпревари на кои успеаја да слават само еднаш (Шкупи на домашен терен против косовски Лапи 2-1).

„Сапуницата“ околу најтрофејниот клуб Вардар која почна уште 2020 година, а најмногу поради лошото работење на сопствениците на клубот доби тажен крај со испаѓање во Втората лига за првпат од независноста на Македонија. Тетовска Шкендија го одбележа пролетниот дел од минатата сезона во која стигна до шампионската титула, додека Шкупи одигра фуриозен есенски дел од новата сезона.

2021 беше вистински „ролеркостер“ за кратовски Силекс. Од освојување на Куп трофејот на пенали против Академија Пандев, преку испаѓање во Втората фудбалска лига само неколку дена подоцна, до настап во Европа и доминација на Западот есенва. 

ОЈ ВАРДАРЕ МАКЕДОНСКИ 

Нешто што се навестуваше на крајот на минатата година, својата разрешница ја доби во 2021 година. Поради лошото водство на клубот од минатото раководство гордоста на Скопје и Македонија годинава ги живееше своите најцрни денови. Прво фудбалерите се собраа само на неколку дена пред стартот на пролетниот дел од сезоната што на крајот резултираше и со историско прво испаѓање на најтрофејнииот македонски клуб од ПМФЛ од независноста. Сепак, секогаш имало и ќе има и позитивни и големи приказни кога е во прашање Вардар. Прво „Комитите“ уште еднаш покажаа дека секогаш и секаде ќе го подржуваат клубот, па самите пробуваа на било каков начин да се обидат да го спасат клубот од проблемите со кои беше оставен со претходно раководство. Скопскиот клуб сега има нови сопственици чија цел е враќање на клубот во Првата лига, иако тоа годинава ќе биде сериозно тешко покрај Силекс и Воска кои се во подобра позиција пред пролетниот дел од сезоната.

„ПУТУЈ ЕВРОПО“ 

„Путуј Европо, немој више чекати на нас“, стих кој Балашевиќ го напиша пред 30 години, а на најдобар начин го објаснува македонскиот клупски фудбал. Во Европа имавме четири претставници (Шкендија, Шкупи, Струга ТЛ и Силекс) кои одиграа 12 натпревари, а на крајот сите заедно забележаа само една победа (таа на Шкупи на домашен терен против косовски Лапи од 2-0). Шкендија откако доживеа „срам“ од словенечка Мура во квалификациите од Лигата на шампионите, загуби од летонска Рига во Конференциската лига, екипа која подоцна беше елиминирана од Линколн од Гибралтар. Шкупи единствен помина едно квалификациско коло, но португалската Санта Клара во втората рунда беше „преголем залак“ за чаирчани.

ШКЕНДИЈА И ШКУПИ 

Тетовска Шкендија минатата сезона на убедлив начин стигна до нова титула во домашниот шампионат и покажа дека заедно со Вардар е најдобриот македонски тим во последната деценија. Шкупи ја одбележа полусезоната во Првата македонска фудбалска лига. Чаирчани имаат седум бода предност пред Академија Пандев и сигурно чекорат кон освојување на титула сезонава. Гоце Седлоски заврши одлична работа на кормилото на тимот од Чаир нешто што ќе треба да го продолжи пролетва и да ја потврди титулата која веќе речиси сите му ја запишаа на чаирскиот клуб.

„КРАТОВСКИ РОЛЕРКОСТЕР“ 

2021 беше во најблага смисла на зборот кажана „луда“ година за Силекс. Тимот кој цела полусезона се мачеше да ја пронајде формата и беше во тешка борба за опстанок во Првата фудбалска лига на Македонија, на крајот заврши со куп трофејот и со излез во Европа, но и преселба во понизок ранг. Кратовци прво во финалето од Националниот куп на Македонија по изведување на пенали стигнаа до титулата, а само неколку дена подоцна го загубија баражот со Тиквеш, што значеше преселба во Втората фудбалска лига на Македонија. Симов кој прво беше херој, на крајот заврши со отказ, а на негово место дојде Горазд Михаилов. Тимот од Кратово под негово водство настапи во Европа, а игра неверојатно во есенскиот дел каде што е убедливо прв во второлигашката конкуренција и повторно е меѓу четирите најдобри во националниот куп.

Се вчитува...