ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Фаворитите за титула „на мускули“ против аутсајдерите

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 23. КОЛО

Сигурно дека Шкупи не е никаков репер, но трите гола на Лусианињо го ставаат како најдобар играч на ова коло. Дилемата беше дали тој или Стефан Јевтоски од Струга ТЛ (гол и асистенција против Македонија ЃП), но три гола се три гола, па макар биле и против отпишаниот тим од Чаир.

Вардар и Шкендија ја продолжуваат „мртвата трка“ за титулата. Двата тима славеа минимално со по 1-0 над АП Брера, односно против Арсими. Важеа за големи фаворити, а на крајот се намачија да дојдат до трите бода.

Особено ова важи за Вардар кој дури во судиското надополнување успеа да го скрши отпорот на АП Брера, и тоа со гол од пенал. Во Тетово, пак, Шкендија беше подобра од Арсими благодарение на прекрасниот гол на ветеранот Бесарт Ибраими.

Струга ТЛ со 3-0 ја совлада Македонија ЃП и стави „печат“ на третото место, додека Силекс дополнително заостанува по ремито без голови против Пелистер на свој терен. Едноставно теренот во Кратово како да е гостински за Силекс, кој нема победа оваа година пред своите навивачи.

Работнички е тимот кој најмногу профитираше ова коло. „Романтичарите“ триумфираа во Куманово на гостувањето кај Башкими со 1-2, и така ги оживеаја шансите за некаков опстанок. А, тоа е можно само доколку тимот од Дебар Маало бележи само добри резултати, а и нивните ривали Пелистер, Македонија ЃП, па и Арсими да кикснуваат. Сега разликата од Пелистер е само три бода, од Македонија ЃП четири бода, со што опстанокот станува возможна мисија за избраниците на Муарем Муарем, кој го заработува епитетот „тренер на колото“.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО: Лусиано Ајрес Бучар Лусианињо (Тиквеш)

Три гола во дуелот против Шкупи за убедлив триумф на Тиквеш, кој оди кон помирни води и кон директниот опстанок во Првата лига. Едноставно, овој играч кој може да игра и во средината и на крилните позиции и во нападот блескаше против последнопласираниот тим на табелата.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Муарем Муарем (Работнички)

Се чини дека полн погодок беше назначувањето на Муарем Муарем за тренер на Работнички. Неговиот тим славеше против неговиот доскорашен клуб, и ги оживеа надежите дека може да дојде до опстанок. Можеби тоа нема да биде директен, но се освен испаѓање е „џек-пот“ за овој тим, со оглед дека беше целосно отпишан од трката на стартот од пролетниот дел.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Бесарт Ибраими (Шкендија)

Прекрасен гол постигна ветеранот во ПМФЛ, Бесарт Ибраими. Играчот на Шкендија откако мина неколку противнички играчи, успеа со силен удар да го совлада голманот на Арсими, и така неговиот тим да ја продолжи битката за титулата.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ПОСЛЕ 23. КОЛО:

Се вчитува...