Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
======================================================================================
ТИМ НА 24. КОЛО
Последното коло пред репрезентативната пауза му ја донесе на Пелистер првата победа сезонава во Првата македонска фудбалска лига. Марјан Секуловски успеа да слави против тимот кој го водеше во есенскиот дел од шампионатот и со тоа да му даде на Пелистер позитивни вибрации пред последните девет кола, во кои само теорија може да ги остави во прволигашката конкуренција. Шкупи и натаму победува трасирајќи си го својот пат кон титулата, а следна на менито беше Струга ТЛ. Колото го одбележа и спорната ситуација во Кавадарци, каде на Тиквеш не му беше признаен чист гол и покрај тоа што топката ја помина гол линијата. Македонија ЃП триумфираше минимално над Борец, Шкендија со головите на Менсалао и Шала беше подобра од Скопје, а Ренова го доби Работнички.
ИГРАЧ НА КОЛОТО: Марјан Радески (Шкупи)
Поранешниот македонски репрезентативец беше главниот виновник за победата на Шкупи од 1-3 на гостувањето кај Струга ТЛ. Доби шанса во вториот дел од тренерот Гоце Седлоски, прво стрелаше за 1-2 во 70. минута, а потоа и му асистираше на Имери во 87. за печат на новата победа на тимот од Чаир.
===================================================================================
ТРЕНЕР-ПРАГМАТИЧАР НА КОЛОТО: Марјан Секуловски (Пелистер)
Пелистер, по 23. натпревари конечно успеа да стигне до првиот триумф во домашниот шампионат сезонава. Иако се е загубено и битолчани веќе се во втората лига, Марјан Секуловски донесе освежување во тимот и успеа да слави против Брегалница, тим кој токму тој успешно го водеше во есенскиот дел од шампионатот.
=======================================================================================
ГОЛ НА КОЛОТО: Љамчевски (Пелистер)
Љамчевски постигна неверојатен гол, кој можеби и ќе биде најдобар сезонава во Првата македонска лига и беше главен виновник за првиот триумф на Пелистер сезонава, откако славеше на домашен терен против Брегалница со 2-0.
========================================================================================
СПОРЕН МОМЕНТ НА КОЛОТО: Ја помина ли топката гол-линијата во Кавадарци?
Спорна ситуација се случи на натпреварот меѓу Тиквеш и Академија Пандев кој гостите го добија со 1-2. Во првото полувреме при водство за тимот од Струмица од 0-1, по шутот со глава на Вареловски топката ја помина гол линијата, но главниот судија на мечот не досуди погодок за домаќините. Следеше жестока реакција на кавадарчани, но се беше залудно, а на крајот до полн плен стигна гостинскиот тим.
========================================================================================
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ
ФОТО НА КОЛОТО: Помина линија друже судија, помина!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА