ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Потоп на Гостивар, пролетно „воскресение“ на Вардар

Горан Бошев

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 26. КОЛО

Кој како стигна освојува бодови во дуелите со Гостивар. Дефинитивно се случува нешто невобичаено во овој тим, кој на хартија има сигурно подобар тим од сите останати 11 екипи во ПМФЛ. Но, уште еднаш се покажа дека парите не играат главна улога. Трет пораз по ред за Гостивар, за титулата веќе е излишно да се зборува, сега останува само битката за Европа, но и таму не оди како што се посакува. Пораз од последнопласираната Беса и дефинитивно го пали алармот во таборот на Гостиварци. Но, согласно најавите, овој тим многу брзо ќе доживее еден огромен ремонт (не сакаме да кажеме распад за да дадеме шанса да се средат работите). А, најголем губитник ова коло е тимот на АП Брера. Струмичани со новиот пораз од Вардар се спуштија на последното место на табелата. АП Брера не знае за победа оваа пролет. Четири порази и едно реми и сега со најреални шанси за испаѓање. А, конкуренцијата таму доле на табелата е огромна. Воска загуби, Тиквеш загуби, па тие три тима ќе водат главна битка за останувањето. Тука е и Беса, но овој тим оствари важен триумф во Гостивар. Вардар е веќе со една нога опстанат, но треба да се доиграат уште седумте кола. Тука може да се вклучи и Пелистер за опстанокот, по поразот од Струга ТЛ со 4-1. На врвот ништо ново. Растојението помеѓу Шкендија и Силекс исто, четири бодови иако имаше ризик да биде поголемо, или помало. И Шкендија и Силекс се намачија да дојдат до победите над Тиквеш на гости, односно над Воска во Охрид. А, Работнички се чини го загуби здивот, и заостанува огромни седум бодови, па главна цел за „романтичарите“ сега ќе биде излезот во Европа, а тоа е извесно по ремито на Чаир.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Ланре Кехинде (Струга ТЛ)

Два гола на дуелот со Пелистер за Кехинде, со што дојде до бројката 11, за да му се доближи и на Бесарт Ибраими. Кехинде е најзаслужен за победата на Струга, која е далеку од одбрана на тронот, но може со серија на победи да се доближи до Европа, иако за нив приорирет ќе биде Купот.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Гоце Седлоски (Вардар)

Вардар со Гоце Седлоски во овој пролетен дел е сосема поинаков тим, и блиску е да го избори опстанокот, и покрај тоа што беа во сосема незавидна ситуација во есенската полуетапа. Сепак, и против АП Брера на гости покажаа дека се зрели да останат и натаму дел од прволигашката сцена, испраќајќи ја АП Брера на дното на табелата.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Илија Донов (Силекс)

Маестрален шут и одличен гол на Илија Донов од Силекс. Фудбалерот на кратовци од 27-28 метри шутираше прецизно во горниот лев агол од голот на Абубакар, и успеа да донесе голема победа за својот тим, со која кратовската екипа остана во игра за титулата во ПМФЛ.

 

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

Се вчитува...