Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
ТИМ НА 27. КОЛО
Марко Ѓорѓиевски со својот хет-трик против Беса, го одржа Силекс во битката за титулата во ПМФЛ. Шкендија триумфираше, и така остана првопласирана, но после ова коло е јасно дека шансите на Работнички за шампионскиот трофеј се сведени само на теорија. Мисијата е невозможна по поразот од Струга ТЛ, а за „романтичарите“ сега приоритет ќе биде битката за Европа. Конкуренција ќе им бидат екипите на Гостивар и на Струга ТЛ, кои исто така се борат за тоа трето место кое сигурно носи во Европа, иако стружани можат до Европа и преку Купот. Ако борбата за титулата се сведе на два тима, тогаш онаа за опстанок и тоа како е жестока. Од она место кое носи директен опстанок (деветото), па се до баражот и до двете места кои директно носат во Втората лига, битката е жестока и конкурентна. Не се сигурни ниту Пелистер и Вардар, но двата тима „пливаат“ во нешто „помирни води“ за разлика од Брера, Беса, Тиквеш и Воска Спорт. Воска Спорт се мачи да освојува бодови надвор, Тиквеш, пак, ги имаше трите бода во дуелот со Вардар, но ги испушти во финишоит, а Беса доживеа вистински „дебакл“ во Кратово и натаму игра под стилот „топло-ладно“. Иако многумина ја прежалија, Брера се враќа на голема врата за опстанокот со победата во Битола. Пелистер, пак, ќе мора да го запали алармот затоа што по трите порази по ред, сега може да биде во опасната зона ако не почне да реди добри резултати, а нивните ривали освојуваат бодови.
====================================
ИГРАЧ НА КОЛОТО: Марко Ѓорѓиевски (Силекс)
Марко Ѓорѓиевски со три гола го потопи тимот на Беса во Кратово. Голгетерот на кратовци го остави својот тим Силекс во битка за титулата во ПМФЛ, а исто така тој се доближи на Бесарт Ибриами на првото место на листата на стрелците, и до крајот ќе следи жестока борба како за титулата, така и со трофејот најдобар стрелец во Првата лига.
================================
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Илчо Ѓорѓиоски (Струга ТЛ)
Екипата на Струга ТЛ оствари голема победа над Работнички среде Скопје, и четата на Илчо Ѓорѓиоски се врати во игра за Европа. И покрај тоа што пред неколку кола беа отпишани, сепак, на крајот може да изборат место во Европа преку Купот, иако се пред пласман во финалето и на Купот.
==============================
ГОЛ НА КОЛОТО: Демир Имери (Шкупи)
Маестрален гол на Демир Имери од Шкупи. Тој од слободен удар од 22-23 метри ја „скина пајажината“ од голот на Гостивар, и со тој гол донесе предност за својот тим. Сепак, на крајот Гостивар успеа да триумфира и да ги однесе бодовите, а за жал на Шкупи овој прекрасен погодок не беше крунисан со три бода.
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА