Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
ТИМ НА 8. КОЛО
Ако за Шкупи некако и се очекуваше дека ќе биде меѓу тимовите најсериозни кандидати за испаѓање, барем во овој есенски дел со оглед на играчкиот кадар и на проблемите од различни типови кај чаирчани, тогаш може да се каже дека најголемо разочарување во првите осум кола е тимот на Работнички. „Романтичарите“ кои минатата сезона се бореа за врвот, изборија пласман и во Европа, сега се во целосен „летен сон“. Сериозна криза ги дрма „романтичарите“, а не успеа ниту шок терапијата со назначување на новиот тренер Ердем Арпарлсан. Освен победата над Пелистер, другото се беше „фијаско“ за тимот од Дебар Маало кој долго време не се нашол во ваква ситуација. Ја загуби и директната битка за опстанок против АП Брера со четири примени гола, а ако не се преземе нешто, тогаш Работнички може да стравува за своето останување меѓу тимовите во „елитата“. Истото важи и за Пелистер. Тимот од Битола пред стартот на сезоната почна со нова енергија, назначи тренер во името на Димитар Капинкоски, ангажираше неколку странски засилувања, го вратија искусниот Стефан Спировски, но никако да се разбудат од „кома“. Добро се држеа против Струга ТЛ, но попуштија во финишот и доживеаја нов пораз. И на нив како и на Работнички им престои жестока битка за опстанок. Затоа, пак, Тиквеш полека се буди. Тимот ги загуби инвеститорите, но очигледно дека не ја загуби атмосферата и тимскиот дух, па дури може да се каже дека сега игра подобро, односно кога инвеститорите се решија мистериозно да исчезнат од Кавадарци. Така кавадарчани ова коло ја добија пресметката со Македонија ЃП и сега „дишат полесно“, иако им престојат уште многу битки за опстанок. Арсими се намачи, но на крај дојде до победа над „фенерџијата“ Шкупи. Башкими одигра уште една добра партија и одигра нерешено против Вардар. Дури имаше и добра шанса да победи, но на крајот Талески му одбрани „зицер“ на Симоновски, по што остана почетниот резултат. Сериозна криза го дрма и Силекс, кој претрпе трет пораз по ред. Иако добро се носеше со Шкендија во Тетово, сепак, на крајот кратовскиот тим загуби, односно Шкендија победи на индивидуален квалитет на Ибраими и на Красниќи кои постигнаа убави голови за триумф на тетовскиот тим, пред дебито во групите во Лигата на Конференции против Рајо Ваљекано. Кратовскиот тим за момент сега се оддалечи од водечките, и сега за нив престои меч против Тиквеш, убава можност да излезат од оваа мини криза.

====================================
ИГРАЧ НА КОЛОТО: Христијан Малески (Струга ТЛ)

Кога не може Компаоре, тука е Малески. „Џокер“ за голема победа на Струга ТЛ, и играч кој го однесе својот тим на врвот на табелата, сега со два бода предност пред Вардар, кој освои само бод на гостувањето во Куманово. Христијан Малески едноставно ги „тргна“ грижите на Бледи Шкемби против Пелистер, меч кој напаѓачот на Струга го реши во последните пет минути од средбата.
================================
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Мартин Алаѓозовски (АП Брера)
Не се памети кога АП Брера врза две победи по ред. Тоа им успеа по назначувањето на Мартин Алаѓозовски за шеф на стручниот штаб. Победата против Арсими на домашен терен и сега на гости против Работнички, покажува дека младиот тренер е на вистинскиот пат. Брера има три победи на последните четири средби, и со 11 бодови во моментов е надвор од опасната зона. За тоа има заслуга и Алаѓозовски кој успеа да ја „разбуди“ екипата и да врзе два триумфа.
==============================
ГОЛ НА КОЛОТО: Демир Имери (Работнички)
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ПОСЛЕ 8. КОЛО:

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
