ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Шампионот ја предаде круната, Шкендија продолжува да гази

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 21. КОЛО

Ако до пред ова коло, Струга ТЛ имаше и некакви шанси за титулата, по поразот во Кратово во неделата и дефинитивно е во „аут“ за одбрана на тронот. Нов тренер, стари навики. Трет пораз по ред, а катастрофалната сезона може да ја спаси само преку Купот, откако со победата над Гостивар, влезе во полуфиналето. Силекс успеа да триумфира дури во третото коло од пролетниот дел по ремито со Тиквеш и поразот од Шкендија, и да се рехабилитира за елиминацијата од Купот од Вардар во средата. Кратовци со тоа останаа во игра за титулата, и сега заедно со Работнички се најблизок ривал до лидерот Шкендија. Тука е и Гостивар, но Гостивар веќе направи два (не)очекувани „кикса“. Па така, после нерешеното минатото коло против Беса, после елиминацијата од Купот, сега одигра нерешено и со Работнички. Шкендија, пак, продолжува да гази резултатски. Можеби навивачите очекуваа поубедлива победа над Тиквеш, но најважно е што со три бода, остана „цврсто“ на првата позиција. Покрај Шкендија, пролетва „гази“ и Шкупи. Трета победа по ред, но чаирскиот тим и натаму е далеку од местата кои носат во Европа. 10 бодови е разликата, меѓутоа ако продолжи вака, тогаш има надеж дека може да стигне, особено ако се има во предвид дека Работнички не е истиот тим од есента, а Гостивар покажа дека „киксира“ во важни пресметки. Во долниот дел, најголем добитник во ова 21. коло беше тимот на Воска. Екипата од Охрид дојде до триумф над АП Брера, над еден од директните конкуренти за опстанок, а згора на тоа Вардар и Беса одиграа, за нив, посакувано „реми“ без голови, додека Тиквеш загуби, и Воска за момент е надвор од опасната зона. Таму се врати Вардар, кој сега е на 10. позиција на табелата, по нерешеното со Беса. Имаа игра Вардарци, имаа повеќе шанси, но Захов ги урна нивните надежи за толку посакуваната победа и продолжување на успешната серија.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Џемал Ибиши (Шкупи)

Одличната серија на Шкупи продолжува. На „Чаир“ оружјето го положи и тимот на Пелистер, откако претходно беа совладани Работнички и АП Брера. Чаирчани покажуваат некое ново лице во пролетниот дел. Два гола на Џемал Ибиши, кој беше најзаслужен за победата на својот тим. Третиот го постигна дефанзивецот Ајетовиќ.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Александар Васоски (Силекс)

Голема победа на Силекс, особено што е остварена над актуелниот првак, и остварена после болната елиминација од Купот на Македонија од Вардар. Силекс го совлада тимот на Струга ТЛ со 3-1, која во Кратово дојде со нов тренер, и што е најважно, кратовци останаа во игра за титулата.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Адаму Алхасан (Шкендија)

Голот на колото оди зад името на Адаму Алхасан од Шкендија. Играчот од средниот ред покрај тоа што беше стрелец на единствениот гол, тоа го направи на ефектен начин, со петица, го совлада гостинскиот голман на Тиквеш. На крајот тоа се покажа како победнички погодок за тетовските „црвено-црни“.

 

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

 

Се вчитува...