ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Вардар продолжува да разочарува, Работнички им пркоси на главните за титула

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 9. КОЛО

Најавите за битка во Европа пред почетокот на сезоната за Вардар, се распрснаа како меур од сапуница после само неполна 1/3 од првенството на Македонија. Наместо тоа, најтрофејниот македонски тим има дебакл по дебакл, и така веќе две кола по ред. Како оние 4-0 од Тетово да не беа доволен сигнал за „трезнење“, па Вардарци им приредија нов шок на своите навивачи. На домашен терен загубија од Струга ТЛ. И не е резултатот загрижувачки колку што е играта. Без желба, без волја, со расштимата одбрана… Се добиваше впечаток дека во секој момент Струга ТЛ можеше да постигне гол, дури и кога се чинеше дека Вардар на моменти воспостави контрола после оние 1-1. Но, сега е јасно дека ако нешто драстично не се промени во зимскиот преоден рок, битката за Европа за „црвено-црните“ ќе се претвори во жестока битка за опстанок. Со ваква екипа, пред се со ваква игра, Европа е многу, многу далеку за Вардар.
За разлика од Вардар, Работнички си молчи и си победува. Тимот од Дебар Маало се искачи на првото место на табелата после ова коло по победата над Воска во Охрид. „Романтичарите“ на хартија можеби немаат звучни имиња, не креваат врева, играат и земаат бодови, и се на лидерската позиција. Одлично им пркосат на фаворитите за титулата пред се Струга ТЛ и Шкендија, па и Шкупи и Гостивар од сенка. Струга ТЛ после малата криза, еве со победата над Вардар се враќаат во игра за врвот, додека Шкендија и натаму игра во стил „топло-ладно“. Беса покажува заби иако остана без тренер, и останува трет меч во серија без пораз. Иако важеше за аутсајдер против Гостивар, сепак, успеа да остане непоразен и тоа на гостински терен во Маџари. Тиквеш никако да победи, но извади голем бод во Битола кај Пелистер. Силекс одлично одолеа на лидерот по бројот на постигнати голови Шкендија на свој терен. Тетовци не успеаја да го најдат патот до мрежата на кратовци и на крајот мораше да се задоволат со бод во меч во кој добија и два црвени картони во вториот дел.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Басиру Компаоре (Струга ТЛ)

Одбраната на Вардар не личеше на ништо во саботата. Четири примени гола, од кои во сите четири во акциите учествуваше Басиру Компаоре. Самиот тој постигна два гола, асистираше за уште еден, а беше дел од акцијата и за првиот погодок на Струга ТЛ со кои го „отворија“ Вардар. Така на Компаоре не му беше тешко да се носи со „расштиманата“ дефанзива на „црвено-црните“ која после ова коло е вториот тим со најголем број примени голови после Воска.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Горан Станиќ (Работнички)

Тренерот на Работнички оствари уште една победа во првенството, и го искачи својот тим на врвот на табелата, после „киксот“ на тетовска Шкендија во Кратово. Со тоа „романтичарите“ останаа непоразени оваа сезона заедно со Гостивар, и сега се на врвот на табелата. Се чини дека „романтичарите“ имаат се што им е потребно. Можеби не постигнуваат толку многу голови, но одбраната си ја врши одлично работата (после Силекс имаат најмал број примени голови), па тој рецепт дава резултати.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Иван Ивановски (Гостивар)

Убав гол постигна Иван Ивановски од Гостивар. Откако доби центаршут од Глишиќ од левата страна после една долга акција, Ивановски со волеј ја затресе мрежата на Беса. Меѓутоа овој погодок не беше доволен за Гостивар да ги освои трите бода, на крајот останаа само со еден, откако гостите успеаја да израмнат.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

ФОТО НА КОЛОТО: СО СРЦЕ ДО ПОБЕДА!

 

Се вчитува...