ПРВА ЛИГА: Струга ТЛ ја заверува есенската круна, шампионот во Кичево ја чека Брегалница

Претпоследното коло од есенскиот дел од македонската Прва лига се игра денеска со неколку интересни натпревари. Екипата на Струга Трим Лум која покажа најмногу во досегашните 16. кола, има можност денеска да ја завери есенската круна во дуел со Академија Пандев.

Стружани имаат пет бода предност, и ќе сакаат во последните две кола од оваа година да направат разлика која на пролет ќе им гарантира освојување на првата историска шампионска титула. Се врати добрата форма на избраниците на Срѓан Захариевски кои на последните два меча имаат две победи.

„Многу важен натпревар за нас, каде со победа стануваме есенски шампиони. Имаме квалитативен противник и нивната лоша форма не треба да не залажува, работевме и се подготвивме за овој натпревар и мораме како и секогаш да си ја завршиме својата должност максимално за 3-те бода да останат во Струга“, изјави Ард Касами, фудбалерот на Струга ТЛ.
Академија Пандев, пак, со нетрпение ќе чека да заврши есенскиот дел од сезоната за да ги консолидира своите редови, со оглед дека имаше кошмарна есен. Од играње во Европа, екипата стигна да се бори за опстанокот, и покрај тоа што амбициите беа сосема други. Имаше и тренерска смена, се врати Васоски, но и тоа не помогна.
Шампионот Шкупи, поради казната за нередите на дуелот со Шкендија, во Кичево го чека тимот на Брегалница. И покрај тоа што „домашниот“ тим е фаворит, и Брегалница има свои очекувања и математики од натпреварот.
„Свесни сме дека ќе биде тежок натпревар против можеби најдобрата екипа во првенството. Имаме доволно силен мотив за надигрување со противникот, и знаеме дека само со максимален ангажман можеме до позитивен резултат. Верувам дека ќе биде неизвесен но спортски дуел во кој ќе победи подобриот“, рече Дарко Додев, играчот на Брегалница.
Интересно ќе биде во Ѓорче Петров, каде Македонија ја чека дуел против Шкендија. „Лавовите“ на  свое тло имаат само еден пораз сезонава, тешко примаат голови, а од друга страна за ривал го имаат тимот кој најдобро игра на гостински терен оваа сезона со пет победи, едно реми и еден пораз во седумте гостувања во есенскиот дел.

Дербито на дното се игра во Прилеп, помеѓу Победа и Скопје. Скопје има шанса да го избегне последното место против екипата која имаше многу проблеми за време на паузата кога играа репрезентациите, не тренираше поради неисплатени долгови, а тоа се покажа и на последниот меч со Шкупи, кога чаирчани славеа со убедливи 0-6. Скопје, пак, доаѓа на овој меч после победата од 2-1 над Академија Пандев.

Во Кавадарци исто така интересен меч помеѓу Тиквеш и Силекс за битка за четвртото место на табелата пред паузата. Двата тима имаат ист број на поени, и ќе се борат за на што подобро место да заминат на зимска пауза.

ПРВА ЛИГА, 17. КОЛО (ДЕНЕСКА, 13:00 Ч.)

Скопје, Ѓорче Петров: МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКЕНДИЈА

Кичево: ШКУПИ – БРЕГАЛНИЦА

Прилеп: ПОБЕДА – СКОПЈЕ

Кавадарци: ТИКВЕШ – СИЛЕКС

Струга: СТРУГА ТЛ – АК. ПАНДЕВ


Standings provided by Sofascore

Се вчитува...