Малку кој очекуваше дека по првите пет кола во македонската Прва лига, тимот на Струга ТЛ ќе има целосна доминација. Можеби за очекување беше стружани да се борат за висок пласман, но дека ќе бидат први со максимален број на бодови, со пет бодови предност пред конкурентите, речиси ниту најголемите оптимисти навивачи на Струга не се надеваа.
Струга ТЛ има 15 максимални бодови, има импресивен старт, квалитет да се бори за титулата, а сега тој квалитет ќе биде ставен на „испит“ на гостување во Струмица. Избраниците на Сржан Захариевски гостуваат кај Академија Пандев, тим кој исто така најави амбиции за излез во Европа, иако сезонава играат во стил „топло-ладно“. Во секој случај, ова ќе биде сериозен испит за лидерот, кој што и да направи, ќе си остане сигурно лидер и по ова коло.
„Во ситуација сме во која секој тим би сакал да биде, без грешка и сакаме да продолжиме во ист стил и на следните натпревари. Секако дека Академија Пандев ќе ни биде тешко гостување, но ќе играме исто како што игравме против секој противник, и верувам дека и ова коло ќе ги освоиме бодовите и ќе продолжиме во победнички ритам“, вели Сухел Мухарем, играчот на Струга ТЛ.
Шкупи во лош и незгоден момент има тешко гостување во Штип кај Брегалница. Чаирчани одиграа „реми“ со Победа, сменија тренер, и сега со нови сили ќе атакуваат во одбрана на трофејот. Новиот предводник Гокхан Бозкаја ќе го има дебито како тренер, а досега ја извршуваше функцијата спортски директор. Од Брегалница, пак, најавуваат нова победа на домашен терен, откако во средата беа слободни и не играа натпревар. Штипјани направија тим кој е кадарен да се бори за пласман на меѓународна сцена.
„Не очекува тежок натпревар со најдобрата екипа во лигата. Шкупи располага со голем број квалитетни играчи кои сега носат дополнителен мотив за три бода по претходниот кикс со Победа. Свесни сме за тежината на средбата, но и подготвени да го дадеме максимумот затоа што тоа им го должиме на нашите навивачи. А, верувам дека ќе имаме силна поддршка од трибините за да дојдеме до позитивен резултат“, вели Немања Шчекиќ, голманот на „сините“.
Шкендија се враќа на стадионот во Тетово и го дочекува составот на Македонија ЃП. Ѓорчепетровци влегоа во мала криза, и две кола по ред немаат победа. По поразот во Штип, во средата ремизираа со Работнички на свој терен, додека Шкендија по поразот од Струга, минатото коло се врати на победите, триумфирајќи против Тиквеш на гостински терен.
„Се враќаме на нашиот стадион во Тетово, и тоа ќе биде дополнителен мотив за нас. Одигравме пет кола по ред практично на други терени, и сега верувам дека ќе биде полесно. Против Македонија ЃП очекувам со помош на нашите навивачи да славиме победа и да ги освоиме трите бода“, рече Бруно Дита, играчот од средниот ред на Шкендија.
„Очекувам добар меч во Тетово. Ја респектираме Шкендија, имаат одлични играчи и фаворити се на овој меч, но тоа не мора ништо да значи. Ние сме подготовени да дадеме се од себе и да ги освоиме трите бода“, вели Есмин Личина, стоперот на „лавовите“.
Во битката за дното на табелата, Скопје ќе игра на домашен терен против Победа. Шанса за двата тима да дојдат до првата победа во првенството, а Скопје до првите бодови сезонава, со оглед дека „пиратите“ немаат освоено ниту еден.
Силекс во Кратово ќе игра против Тиквеш, и очекува враќање на победничките патеки после поразот во Струга ТЛ. Тиквеш, пак, е во мини серија на порази. Загуби од Работнички на гости, загуби од Шкендија дома, и сега ќе атакува на бодови на тешкото гостување во Кратово.
ПРВА ЛИГА, 6. КОЛО (денеска, 16:00 часот)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ
Скопје: СКОПЈЕ – ПОБЕДА
Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП
Кратово: СИЛЕКС – ТИКВЕШ
РАБОТНИЧКИ слободен
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


