Давид Дејвис ја забележа првата како тренер на Вардар откако „црвено-црните“ славеа на денешниот дуел со Пролет со убедливи 34-22. „Вардарци“ рутински си ја одработеа задачата на овој натпревар, во кој Пролет добро парираше дваесетина минути, по што искуството и квалитетот на „црвено-црните“ се покажаа пресудни за актуелниот првак со рутинска игра вопреостанатиот дел од средбата да стигне до бодовите.
Пролет немаше ниту едно водство на овој натпревар, Вардар поведе со 2-0, но гостинските ракометари со квалитетна игра во нападот добро парира во голем дел од првото полувреме, последното израмнување беше при 7-7, а резултатската неизвесност траеше до 11-10. „Црвено-црните“ додадоа гас пред крајот на полувремето, на одмор заминаа со водство од 15-12, а потоа со три брзи гола на стартот од вториот дел јасно ставија до знаење кој ќе слави на овој натпревар. Остатокот од мечот беше само рутина, избраниците на Дејвис знаеја како да го исконтролираат резултатот, одржувајќи ја убедливата предност се до конечните 34-22.
Дури тринаесет различни ракометари на Вардар се запишаа меѓу стрелците на овој натпревар, а најефикасни беа Куни Моралес со пет и Гаџа, Дибиров и Ѓукиќ со по четири погодоци. Во редовите на Пролет најефикасни на денешниот дуел беа Џонов, Голубовиќ и Аларов со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА