Прва победа на младите кошаркари на ЕП: Отпорот на Норвешка скршен во второто полувреме

Јуниорската репрезентација на Македонија во третото коло ја забележа својата прва победа на Еврпоското првенство за кошаркари до 18 години – Б дивизија што се одржува во Португалија. По несреќниот пораз од Австрија пред два дена, нашите млади кошаркари денеска одговорија на предизвикот и успеаја да слават над селекцијата на Норвешка со убедливи 100-80, за прва радост на овој шампионат.

Македонија влезе како фаворит во овој натпревар, но Норвежаните во првото полувреме се покажаа како незгоден ривал. По 10 минути игра резултатот беше израмнет (20-20), а на одмор се замина со само три поени предност за нашите јуниори (46-43). Клучната предност беше направена во завршницата од третата четвртина, кога со тројката на Јаничиќ нашата селекција поведе со девет поени предност. На стартот од последниот период позитивата стана двоцифрена, по што македонските кошаркари знаеја како да го задржат водството до самиот крај, заслужено стигнувајќи до триумф.

Лидер на македонскиот состав и на овој натпревар беше Андреј Шошкиќ со 15 поени, 13 асистенции и 7 скокови, одличен беше и Јаничиќ со 24 поени, а двоцифрен ефект имаа и Иванов со 13, Луканоски со 12 и Стојковиќ со 10 поени.

Македонија утре ќе се сретне со Исланд (16.30 часот) во последното коло од групната фаза на овој европски шампионат.

Се вчитува...