Прва победа во Лигата на Нации: Македонија и со 10 играчи е пресилна за Ерменија (ВИДЕО)

Македонската репрезентација дојде до првата победа во четвртото издание на Лигата на Нации, откако вечерва ја совлада Ерменија со 2-0. Победата има големо значење, затоа што е остварена над директен конкурент за првото место и во второто  полувреме во кое Македонија играше со 10 играчи во поле, откако Зајков беше исклучен уште во првиот дел. Но и со еден таков хендикеп, избраниците на Благоја Милевски беа пресилни и за една Ерменија, со која ќе се води битка до крајот за првото место на табелата. Македонија и дефинитивно се врати во игра за првата позиција со оваа победа, после она разочарувачко реми на Фарските Острови.

Лош старт и лош крај на првиот дел имаше Македонија. Најпрво лоша среќа уште во 2. минута откако Чурлинов заработи повреда, па селекторот Милевски мораше да менува. А, потоа во миговите кога Македонија ја имаше контролата на играта, остана и со играч помалку. Ѓоко Зајков поради приговор доби втор жолт картон, и некоја секунда пред крајот на првиот дел беше испратен порано во соблекувалната.

Ревија на шанси во првото полувреме имаше Елмас, кој трипати се закани по голот на Ерменците. Најпрво во 18. минута кога шутираше само покрај голот од 25 метри, а потоа и неговиот шут се одби од градите на Барди, и заврши во рацете на Чанчаревиќ. Најдобрата шанса Елмас ја имаше во 21. минута кога по една одлична акција излезе сам пред голот на Ерменците, но и тој обид го одбрани Чанчаревиќ. Шанса во првиот дел Македонија имаше и преку Барди во 42. минута, кога опасно шутираше, а топката профуче над дирекот, а потоа се обиде и Бабунски, но топката отиде крај голот.

После црвениот картон, Ерменците се заканија преку Спертсјан, меѓутоа Димитриевски беше на место, и крајот на првиот дел за Македонија беше лош, со оглед дека цело второ полувреме игравме со играч помалку.

И во една таква ситуација и со играч помалку, Македонија имаше одлична шанса во 64. минута откако изведовме брз противнапад, а во завршницата Миовски беше во последен миг изблокиран од еден ерменски играч, па топката наместо во мрежата заврши во корнер.

Избраниците на Благоја Милевски мораа со сите 10 играчи да бидат во својата половина за да се бранат, со оглед дека беа хендикепирани со играч помалку, меѓутоа во 70. минута индивидуален квалитет и фудбалска магија во режија на Барди.

Капитенот на Македонија во 70. минута од слободен удар ги воодушеви сите присутни на „Арената“. Од 26-27 метри прекрасно шутираше во горниот лев агол, Чанчаревиќ само гледач повеќе за предност на Македонија во дуелот со Ерменија. 

Откако капитулираше еднаш, Ерменија и вторпат за кратко време ја вадеше топката од мрежата. Долга топка од Димитриевски која стигна до Миовски, а овој пред себе со одбранбен играч, најде простор да шутира, и да го совлада Чанчаревиќ за предност на „црвено-жолтите“ и од 2-0 во 79 минута од средбата. 

Спертсјан во 90. минута од средбата имаше огромна шанса, откако шутираше силно, Димитриевски ја испушти топката, а таа од пречката и од стативата повторно дојде во неговите раце, не дозволувајќи Ерменија да намали и да има драматична завршница. Така македонската репрезентација успеа да се одбрани, и да ја оствари првата победа во групата.

ЛИГА НА НАЦИИ, ГРУПА Ц4

МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 2-0

ЛЕТОНИЈА – Ф.ОСТРОВИ 1-0

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...