Дебитантот во Суперлигата Струмички Астраион во трилер натпревар стигна до првата победа во елитното натпреварување во историјата совладувајќи го Радовиш со минимални 34-33. Натпреварот почна израмнето и во текот на целото прво полувреме се играше гол за гол, по што на пауза домаќините заминаа со минимална предност од 14-13. Во второто полувреме струмичани во неколку наврати имаа предност и од плус четири 17-13 и 18-14, но гостите цело време успеваа да се вратат и да го одведат мечот во неизвесна завршница. Сепак ракометарите на Астраион во клучните моменти беа посконцентрирани и стигнаа до минимален триум од 34-33. Митко Караиванов е најдобриот ракометар во првото коло во Суперлигата откако постигна 15 гола и беше главен виновник за историската прва победа на клубот од Струмица, кај поразените 9 гола постигна Ивица Илиев.
Во вториот меч од терминот од 20:30 часот, Младост Богданци триумфираше над Тиквеш со 27-25. Домаќините подобро го отворија мечот и ја имаа предноста во текот на целото прво полувреме кое заврши 13-11. Во вториот дел гостите во неколку наврати водеа со плус еден. Сепак, во финишот Младост направи помалку грешки и тоа беше доволно за триумф од 27-25. Александар Лупашко беше прво име во победничкиот табор со 9 гола, додека кај поразените се истакна Вања Смиљаниќ со 8 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА