Прва прогноза: Мусиала нема да се врати до крајот на 2025 година

Џамал Мусиала заработи тешка повреда на четвртфиналниот дуел од клупскиот мундијал откако се здоби со скршеница по еден дуел со противничкиот голман Донарума.

Тој на носилки беше изнесен од теренот, а доцна синоќа пристигнаа и првите конкретни резултати околу сериозноста на повредата. Како што информира весникот „Билд“ повикувајќи се на извори од таборот на баварскиот гигант, Мусиала има скршеница на фибулата на левата нога, а воедно и оштетување на неколку лигаменти.

Се очекува веднаш по враќањето во Германија врз овој одличен фудбалер да биде извршен хируршки зафат по што ќе се знаат повеќе детали околу рехабилитациската програма. Она што е речиси сигурно, паузата нема да изнесува помалку од пет месеци, што би значело дека Мусиала нема да може да игра фудбал до крајот на оваа календарска година.

Во ситуација кога тимот летово остана и без Лирој Сане и без Томас Милер, јасно е дека управата сега ќе мора да реагира и да доведе врвно засилување за навалната линија.

Се вчитува...