Македонија ја забележа првата победа во претквалификациите за СП 2019 откако вечерва во Скопје нашите кошаркари славеа над Косово со резултат . Она што е најзначајно, победата е изразена со повеќе од оние „минус четири“ од Приштина, па „црвено-жолтите“ се во предност во однос на Косово доколку двете селекции го завршат циклусот со ист број на бодови. Оваа победа сигурно ќе внесе самодоверба во нашите редови во пресрет на дуелот со Естонија во Талин в среда, на кој нашата селекција мора да слави доколку сака да има сигурен пласман во главната квалификациска фаза.
Македонија од самиот почеток имаше проблеми во нападот, не реализиравме неколку напади, па Косово со трите слободни фрлања на Шоши поведе со 0-3. Првите поени ги реализиравме по три и пол минути игра преку Војдан Стојановски. Капитенот ги разбуди и соиграчите, па заигравме многу подобро во одбраната и набрзина го свртевме резултатот во своја полза, за водство од 6-5 со поените на Теодор. Сепак, Косово влезе во ритам со шутеви од далечина во финишот од првата четвртина, па со три тројки во низа (две од нив од табла) гостите го завршија стартниот период со резултат 19-22.
Вториот период го почнавме со два промашени зицери на Стајиќ, по што следеа и два неуспешни обиди за тројка на македонските кошаркари. Николовски беше очаен во одбраната, па со новите поени на Ругова (тринесет во 12. Минута) Косово дојде до 21-27. Со влегувњето на Чековски на местотто на Николовски повторно заигравме поцврсто во одбраната, што придонесе преку Теодор да поведеме со 28-27. И повторно следеше „црна минута“ во која гостите постигнаа четири поени во низа, па Давитков во немоќ побара тајмаут.
Очајниот шут од далечина продолжи, па откако Стајиќ промаши за 1/11 на Македонија за тројка, гостите погодија на спротивната страна и поведоа со 29-34. Гостите поставија зона и го оставија повторно на шут Стајиќ, бекот на МЗТ пак промаши, па македонскиот селектор побара нов тајмаут. Младеновски влезе во игра и реализираше два напади, но одбраната не беше на ниво, па гостите заминаа на одмор со предност од 40-41, по тројката на Костоски на 11 секунди до крајот.
Ѓуроски влезе во игра на стартот од второто полувреме и набрзина постигна пет поени, една украдена топка и една асистенција, за по положувањето на Теодор и наше водство од 49-43 косовскиот селектор да побара тајмаут. Сепак, со тоа не беше запрена македонската фурија, Костоски погоди две тројки во серија и нашата селекција за првпат поведе со десет поени (55-45). И кога требаше да сезадржи ритамот селекторт го извади капитенот Стојановски, по шгто следеше нов пад и приближување на гостите на 57-54. Костоски погоди уште една тројка, потоа Косово влезе во проблеми со реализација на слободните фрлања, па третата четвртина ја завршивме со предност од 63-54, со поените на Чековски со звукот на сирената.
Одбраната падна на стартот од последната четвртина, Косово дојде на 65-60, но потоа Костоски погоди тројка од невозможна позиција и ја врати самодовербата во играта во напад, во периодот додека на клупата останаа Теодор и Чековски. Американецот се врати, заигравме уште подобро, па по неговото положување поведовме со 75-64 на нешто повеќе од четири минути до крајот. Гостите дојдоа на осум различка, но Војдан Стојановски со четири поени во низа ги разреши сите дилеми околу победникот.
Теодор со 24 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, Костоски го заврши мечот со 16 поени, а Војдан Стојановски повторно беше предводник на паркетот, завршувајќи ја средбата со 14 поени, 6 скока и 4 украдени топки. Мора да се истакне и доброто издание на Младеновски, кој реализираше 12 поени и седум скокови.
Македонија го завршува овој претквалификациски циклус в среда, на гостински терен во Талин против Естонија. Победа е неопходна за осигурување на пласман во главните квалификации за СП 2019, во спротивно ќе ни биде потребна помош од Естонците во последното коло, да го совладаат Косово во Приштина и да ја одржат Македонија на втората позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА