Прва радост за Македонија, за верба во подобро утре

Кошаркарската репрезентација на Македонија забележа победа над Унгарија со убедливи 82-75, за крајот на претквалификацискиот циклус за СП 2027. Не беше обезбеден пласман во главните квалификации, но играта и максималното залагање во сите 40 минути донесоа зрак на оптимизам, дека оваа репрезентација освежена со дел од оние кои беа отсутни летово ќе успее да влезе во една позитивна серија резултати, дека поседува потенцијал за да расте од натпревар во натпревар и допрва ќе го покаже своето вистинско лице.

Џејкоб Вајли во голем стил го почна мечот, реализирајќи ги првите три напади на Македонија и носејќи предност од 6-45 по нецели две минути игра. Во нападот бевме сосема добри, но повторно ни се случи противникот да има расположени играчи за шут, па Унгарците во 6. минута ја реализираа третата тројка на мечот, поведувајќи со 12-13. Веќе во следниот напад гостите реализираа за 12-15, по што селекторот Илиевски го побара својот прв тајмаут на натпреварот.Македонија заигра подобро во одбраната предводена од Вајли, па со тројката на Андреј Митревски се вративме во водство (17-15), пред Ташовски со украдена топка и забивање да ги крене на нозе присутните во СРЦ Кале, за наше водство од 19-15. Македонија продолжи да доминира до крајот на четвртината, добивајќи ги првите десет минути со убедливи 23-15.

Магдевски умешно положи по еден соло-продор за наше прво двоцифрено водство (25-15). Шанса доби и младиот Василевски, кој веќе во првата акција блесна со фантастично положување на втор обрач за 30-18 за Македонија. Сепак, противникот имаше одговор, реализираше три напади во низа и откако намали на 30-24 македонскиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Веднаш по таа минута одмор Какруки реализираше во рекетот, прекинувајќи ја мини-серијата на гостите. Ја вративме самодовербата во нападот, но повторно профункционира и одбраната, па по тројката на Митревски и новата реализација на Вајли следеше нова двоцифрена предност за нашата селекција (37-26). Имавме и 39-26, но потоа Војвода погоди тројка, додека Какруки направи прекршок во рекетот и доби две слободни фрлања (реализираше едно), намалувајќи на 39-30. Немавме среќа при два обида при 41-32, но Митревски зеде важен шут и погоди во последната минута од полувремето за 43-32, за преку Хот со звукот на сирената на одмор да заминеме со одлични 13 поени предност.

Второто полувреме го почнавме заспано, со промашени шутеви во нападот, а гостинот го искористи тоа и намали на 45-38 за само две минути игра. Откако загубивме уште една топка, а потоа Унгарците реализираа, Илиевски беше принуден да побара тајмаут при наше водство од 45-40. Ташовски реализираше важни поени по офанзивен скок, прецизен за тројка беше Вајли, па предноста повторно стана двоцифрена (50-40, 25. минута). Тројка погоди Лука Стојановски, уште едно одлично положување имаше Василевски, со што ја вративме предност од 13 поени од полувремето (55-42). Василевски одигра важна улога во оваа четвртина заедно со Митевски, помагајќи да ја задржиме убедливата предност и во последните 10 минути да влеземе со позитива од 64-50, по контранападот што го реализираше Митревски на асистенција на Андреј Магдевски.

Унгарците постигнаа тројка во првиот напад од четвртата четвртина, но Македонија имаше целосна контрола. По една украдена топка и атрактивно забивање на Вајли стигнавме и до најубедливи 15 поени предност (70-55), принудувајќи го унгарскиот селектор да побара тајмаут. Советите не вродија со плод бидејќи Македонија продолжи да доминира, па со ново атрактивно забивање на Вајли поведовме и со 76-59.

Војвода не се предаде и ја врати Унгарија на „минус десет“ (76-66) на четири минути до крајот, Ташовски погоди во важни моменти прекинувајќи ја мини-серијата на противникот, потоа покажавме умешност да го приведеме мечот до крај, за прва радост и заслужен триумф од 82-75.

Вајли повторно беше стрелец број 1 со 23 поени, по 14 постигнаа Ташовски и Митревски, а со девет поени мечот го заврши Максим Митевски.

Се вчитува...