Македонската алпинистка Ирина Дишовска успеа да го совлада Матерхорн (Ѓаволски рог), еден од најопасните и најсмртоносните врвови во светот, кој е предизвик за секој сериозен алпининст. Таа го стори тоа без придружба на водич, што е неверојатен потфат.
Физичката подготвеност е едно, но за еден ваков потфат храброста и самодовербата треба да се на прво место, а потоа и одличната психичка подготвеност. Сето ова го имаше и алпинистката Ирина Дишовска, кој стана првата Македонка, која се искачила на Матерхорн, а нејзиниот подвиг е уште поголем, бидејќи го направи тоа без придружба на водич.
Дишовска не само што е првата жена од Македонија што успеала да го искачи Матерхорн, туку воедно е втора по Здравко Дејановиќ, која го направила искачувањето без придружба на водич и тоа од италијанска страна.
Овој врв повеќе од еден век е еден од најголемите предизвици за алпинистите, но и своевидна туристичка атракција. Сепак, важи за еден од најсмртоносните врвови во светот, поради големите карпести предели, длабоките бездни и глечерите, кои го обвиваат.
Храбрата Македонка Ирина неколку дена по освојувањето на врвот ги сподели своите импресии на „Фејсбук“. Нејзината решителност и храброст да тргне во походот буквално сама е за секоја почит и восхит. Матерхорн не признава грешки и пропусти, а за тоа сведочи и самата Ирина, која напоменува дека за само неколку денови дури осум лица ги загубиле живототите на врвот.
Таа е подготвена повторно да го искачи Матерхорн, но никогаш повторно нема да го направи тоа сама без придружба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА