Првата меѓусебна пресметка сезонава на двата најголеми ривали во домашниот ракомет, Е. Пелистер и Вардар, која се играше во рамките на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, вечерва беше со битолски шмек.
„Пелистерци“ славеа против Вардар со 28-23 (12-10), во натпревар кој мина во израмнето прво полувреме и далеку подобра игра на битолчани во вториот дел преку кој целосно го скршија црвено-црниот отпор.
И двете екипи настапија без дел од своите најдобри ракометари. Битолчани без Кузмановски и Митревски, а „вардарци“, пак, без Еспиња, Пинто, Лазаревски, Борозан…
На крај пресудија одличните одбрани на голманот Хеидарирад кој заврши со 15 одбрани, а имаше и еден гол за Е. Пелистер. Хекбарт запиша седум погодоци за битолчани, додека кај Вардар девет гола постигна Горига.
„Пелистерци“ утре од 16:30 часот ги чека мечот со Динамо Панчево, а Вардар, пак, ќе игра со Тримо Требње. Битолчани мора да победат со што поголема разлика, а потоа да чекаат и услуга од Вардар за да дојдат до првото место во групата, и финале на турнирот во Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

