Македонскиот фудбалски првак Вардар продолжува со тестирање на странски фудбалери како потенцијални засилувања за пролетниот дел од сезоната. По Арентинецот Охеда, кој не задоволи со своите квалитети, од денеска на подготовките на Вардар во Анталија се приклучи и нигерискиот фудбалер Лукман Абдулаким Харуна. Станува збор за фудбалер кој што има 27 години, и може да игра на повеќе позиции во средниот ред.
Харуна има завидна фудбалска биографија, но штом дошол до ниво да пристигне на проба во Вардар, очигледно дека и не е веќе многу посакуван… Тој е роден во Лагос, на 4. декември 1990 година. Најголемиот дел од својата кариера овој фудбалер ја помина во таборот на украински Динамо Киев. Од таму мина на позајмица во неколку клубови како што се Ховерла, Анжи и Астана. Претходно овој фудбалер беше дел од францускиот клуб Монако. Во Динамо Киев беше заедно со сегашниот фудбалер на Вардар, Горан Попов, а со клубот освои еден Куп и еден Суперкуп на Украина.
„Нигерискиот фудбалер веќе се приклучи на вардарци во Анталија и во следните денови стручниот штаб ќе може да ги види неговите квалитети, пред да биде донесена одлука дали ќе биде ангажиран во нашиот тим“, истакнуваат од Вардар на својот официјален клупски сајт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА