Преголемата пасивност на Партизан околу потписите и претставувањето на новите засилувања внесе огромна доза на загриженост меѓу приврзаниците на српскиот кошаркарски гигант.
Досега се потпишани само три засилувања, и тоа Маринковиќ, Лундберг и Ниликина, но претседателот Остоја Мијаиловиќ ги смири страстите откако денеска објави дека станува збор за нова клупска стратегија. Првиот човек на „црно-белите“ им порача на навивачите да не стравуваат бидејќи се потпишани договори со уште осум нови кошаркари, но истите не се обелоденуваат на вообичаен начин бидејќи Партизан сака тоа да го стори тоа „спектакуларно“.
„По ланската сезона свесно влеговме во комплетно реновирање на тимот. По објавувањето на првите три засилувања, Ниликина, Лундберг и Маринковиќ, како клуб донесовме одлука од тој момент да почнеме со сосема поинакви постапки. По бројните шпекулации поврзани со најразлични имиња, донесовме одлука да бидеме различни од сите други и своите засилувања да ги објавиме пред почетокот на подготовките, но сосема поинаков начин… Тоа ќе биде несекојдневен спој на уметноста и спортот, нешто по што Партизан како бренд е препознатлив ширум светот. Нов спектакл во организација на нашиот клуб, нешто што нашите навивачи го заслужуваат. Нема да кажам ништо ново ако повторам дека Партизан секогаш бил авангарда и псотавувал стандарди што останатите ги следеле“, изјави Мијаиловиќ.
Српските медиуми најавуваат дека осумте нови кошаркари кои ќе бидат официјално претставени на овој настан се: Брендон Дејвис, Тајрик Џонс, Аријан Лакиќ, Стерлинг Браун, Ајзеа Мајк, Марио Накиќ, Исак Бонга и Карлик Џонс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА