Звонимир Бобан беше еуфорично пречекан како спасител на Динамо Загреб, но фудбалската легенда се соочи со првиот голем проблем како претседател на овој клуб, не успевајќи да го доведе тренерот што го посакуваше на „Максимир“.
„Модрите“ се без стратег откако му беше врачен отказ на Фабио Канаваро, а Бобан планираше на клупата на Динамо да го врати Игор Бишчан. Поранешниот фудбалер на Ливерпул веќе седеше на клупата на Динамо од април 2023, кога го замени Анте Чачиќ и ја освои титулата во Хрватска, но доби отказ по само 17 натпревари во овој клуб.
Бишчан моментно работи како предводник на Ал Ахли во Катар, а во изјава за хрватската „Нова ТВ“ потврди дека добил понуда од Динамо, но и дека истата ја одбил.
„Точно е дека Звоне Бобан ме контактираше, но нема ништо од моето враќање во Динамо. Не е моментот, мина премалку време од последниот пат кога бев во овој клуб. Да бидам целосно искрен, некои рани на душата, срцето и на грбот се уште не се залечени за да се вратам назад“, изјави Бишчан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА