Вардар го крена пехарот во Суперкупот на Македонија во ракомет откако „црвено-црните“ славеа со 30-26 во денешниот дуел против Еурофарм Пелистер, прекинувајќи ја серијата од два порази од битолчани во претходните две години од ова натпреварување. Иако значително подмладени, „црвено-црните“ одиграа одличен меч, делуваа незапирливо во нападот и апсолутно заслужено до кренаа пехарот во салата во Струмица. За „вардарци“ ова ќе биде голем стимул на стартот од новата сезона, за „пелистерци“ пак сериозно предупредување на една седмица пред почетокот на настапите во Лигата на Шампионите.
Лазаревски го постигна првиот гол на овој меч, за почетно водство на Вардар во Струмица. „Пелистерци“ успеаја да го свртат резултатот во своја полза и благодарение на подобрата одбрана поведоа со 5-3 по десет минути игра. Томовски првата интервенција ја имаше во 14. минута при водство од 7-5 на Еурофарм Пелистер, а Јапонецот Јасихура го изнуди и третото исклучување од битолчани во првите петнаесетина минути од мечот. Вардар не искористи пенал при 7-6 (Гедбан го запре Срдановиќ), по што Пешевски биеше прецизно и ја врати предноста на Пелистер на „плус два“ (8-6). Вардар не се предаде, израмни на 8-8, резултат при кој Томовски маестрално го запре обидот за атракција на Пешевски. Јасухира одлично продре и погоди за водство на Вардар, по што тандемот Јовиќ – Шундовски мроаше да интервенира со тајмаут. До крајот на полувремето се играше израмнето на двете страни, Кисум со прекрасен гол израмни на 13-1, резултат со кој се замина на одмор.
Голманите беа во главна улога на стартот од второто полувреме, а првиот гол го постигна Танкоски за 14-13 за Пелистер, по што на спротивната страна веднаш израмни Марко Мишевски. Вардар доби на сигурност, па за првпат во мечот поведе со два гола (16-14) со голот на Николиќ, откако Еурофарм се реши за рокада на голманската позиција, па Кизиќ застана на голот на местото на Гедбан. На половина од второто полувреме резултатот беше израмнет на 20-20. „Црвено-црните“ ја одржуваа предноста од еден гол, а по неколкуте реализирани напади во низа битолчани го вратија Гедбан на голот (24-23 за Вардар, 51. минута).
Лазаревски блесна со нов прекрасен погодок од пивот и предност на Вардар од 25-23, а проблем за „црвено-црните“ донесе повредата на Николиќ, кој со помош на соиграчите мораше да го напушти теренот по примениот гол за 26-25 за скопскиот клуб. Еурофарм имаше напад за израмнување што не го искористи со неуспешен цепелин, по што Јасихура со фантастичен гол донесе предност од 27-25. Томовски блесна кога беше најважно, со двојна интервенција чувајќи го водството од „плус два“, пред Петриќ да погоди за 28-25 на две и пол минути до крајот. Николиќ стисна заби и покрај повредата, постигнувајќи важен гол за 29-26 со кој беше ставен печат на победата, на крајот изразена со конечните 30-26.
Срдановиќ постигна осум погодоци, шест од нив од седум метри, Петриќ постигна седум, а Николиќ пет погодоци за Вардар. Во таборот на Еурофарм Пелистер најефикасни беа Радивојевиќ со седум и Кисум со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

