Македонската репрезентација вечерва од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје во првиот вистински предизвик низ квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024 во Германија. По мартовската победа против Малта, избраниците на Благоја Милевски, сега против фаворитот Украина во 2. коло во желба за позитивен резултат како начин за активно продолжување на квалификациите.
Пресметката со Украина е првиот вистински тест за капацитетот на актуелниот состав кој со доста проблеми се соочува пред јунскиот собир по откажувањата на тројца стандардни првотимци од офанзивната линија, Бојан Миовски, Дарко Чурлинов и Ваљон Етеми, а како дополнение на веќе подолго време отсутниот Тихомир Костадинов.
Сепак, јасно е дека огромен е мотив во националните редови на домашен терен да се покаже дека има уште многу игра во нас низ квалификациите, и покрај тоа што и поголемиот дел од репрезентативците, не играјќи за своите клубови, се далеку од посакуваната форма. Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски вели дека и тоа како секој поединец е подготвен да го даде максимумот за националниот дрес. А, тоа е најважното… Со еден таков пристап сигурно може да се очекува и позитивен резултат, без разлика што против нас има еден моќен тим.
„Украина е силен противник. Тоа го видовме на Европското првенство многу добро, каде одигравме две различни полувремиња, првото губевме со 2-0, а потоа одговоривме максимално на терен. Сега мислам дека ќе биде многу поразличен натпревар, ако сакаме успех ќе мора физички да се издржи мечот во едно силно темпо. Јасно е дека во модерниот фудбал мора да се направи нешто на терен ако сакате позитивен резултат, а не само фокус на дефанзивата. Верувам дека со поддршка од трибините, ќе знаеме како да ги израдуваме нашите навивачи“ – вели Ристовски.
Украина, пак, во Скопје доаѓа со добро познати ѕвезди во светот на фудбалот, Андриј Јармоленко, Васили Малиновски, Илија Забарњи, и најголемата меѓу нив Михајло Мудрик… Недостасува Александер Зинченко од Арсенал, но јасно е дека доаѓа повеќе од моќна селекција со далеку поголема пазарна вредност од онаа македонската. Но, тоа е најмалку важно на терен.
Украина доаѓа и со нов селектор, легендата на украинскиот фудбал Сергеј Ребров, кој мудро тактички фаворитската улога ја префрли на Македонија.
„Мислам дека сите ја познаваат репрезентацијата на Македонија. Знаеме дека ја победи Италија. Ние мора да бидеме сконцентрирани на нашата игра и да ги поправиме грешките што ги направивме со Германија. Не мислам дека сме фаворити, бидејќи Македонија е силна репрезентација и мораме да одиграме сконцентрирано. Утре очекувам малку поинаква игра од мечот со Германија. Очекувам од утрешниот натпревар добар отпор од Македонија“ – не испофали мудро украинскиот селектор. Сето тоа, во секој случај, како добра најава и за квалитетен фудбал вечерва од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА